Променливо облачно со врнежи од ветувања

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

За само неколку денови откако започна кампањата за локалните избори се изнаслушавме сѐ и сешто, најмногу за тоа што не чини и што треба да се направи, но речиси ништо како тоа ќе се изведе, а идеите да нè потсетуваат на бајки за мали деца. Затоа што граѓаните не се тоа и опасно е дури и за миг да се потценат.

Којзнае каква есен нѐ очекува, дождлива или сува, но едно е сигурно, ќе има врнежи од ветувања, кои постепено ќе преминуваат во поројни, одвреме-навреме проследени со грмежи. Извесна стабилизација на „временската“ состојба се очекува околу 17 октомври, кога врнежите ќе престанат, а граѓаните ќе ја земат работата во свои раце. Ќе избираат. Од реката излеани зборови ќе треба да решат кои се оние кои им влеваат најмногу верба дека наредните четири години ќе бидат плодни во општините каде што живеат.

За само неколку денови откако официјално започна кампањата за локалните избори кои ни претстојат се изнаслушавме сѐ и сешто, најмногу за тоа што не чини и што треба да се направи, но речиси ништо како тоа ќе се изведе, а идеите да не потсетуваат на бајки за мали деца. Затоа што граѓаните не се тоа и опасно е дури и за миг да се потценат.

Ете, на пример, за Скопје. Не чинело ова, не чинело она, валкано било, царувала урбана мафија, столпчињата на тротоарите пречеле, загадено било, депонии насекаде, јавниот превоз никаков, катастрофа невидена. Па требало јавни вециња на кеј за велосипедистите да имаат каде да се олеснат (не дека не треба, никаде низ градот ги нема), па подземни и надземни улици, паркови, кружен тек кај Влада. Треба, треба. И како тоа да се реши? Штама. Требало и ефикасен и брз јавен превоз. Брзиот автобуски превоз за кој се залага актуелниот градоначалник не го бивало за градов. Добро. А како ќе се обезбеди тој ефикасен превоз по мерка на граѓаните што ќе ги натера да заборават на автомобилите? Ќе се замени постојниот возен парк на ЈСП и на приватниците? Ќе се набават нови автобуси? Ќе се смени возниот ред? Ќе се воведат нови линии со кои ќе се поврзе секое маало низ Скопје?

Една од идеите што ги слушнавме е дека јавниот превоз ќе бил бесплатен за граѓаните. Гол, угул гол популизам. Нема ништо без пари. Бесплатен превоз значи дека Градот би ги покрил сите трошоци на јавното сообраќајно претпријатие, а градската каса главно се полни преку даноци, комуналии и разноразни други давачки што ги плаќаат граѓаните. Значи, повторно граѓаните ќе платат вака или онака. Настрана тоа што Градот објективно тоа не може финансиски да го издржи, затоа што во прашање е буџет на Скопје, не на Токио. А, впрочем, видовме што се случи кога во деновите на екстремна загаденост во градот превозот беше бесплатен. Автобусите се возеа полупразни затоа што оние што се „венчани“ со своите автомобили не се делат од нив така лесно. И сега одредени категории граѓани имаат слободен превоз, а Градот скапо плаќа за тоа.

Други идеи и не слушнавме многу. Односно, ништо ново и нечуено. Едно те исто што на човек не му се ни слуша повеќе. Па чека сето ова побрзо да помине. Без преголеми очекувања. До изборот на новиот градоначалник по кој со задоволство одново ќе се плука во претстојниот мандат.

И така, од трка во трка, од избори до избори Скопје полека и сигурно си ја губи душата. Скопјани се изморија. Ветувањата веќе не поминуваат кај луѓето, особено кога гледаат кој сѐ ветува и кој сè си мисли дека е дораснат, подготвен и доволно стручен да раководи со главниот град. И што сѐ се ветува. На пример, бродски транспорт по Вардар од Ѓорче до Лисиче. Или ослободување на Скопје, затоа што граѓаните биле како во логори (замислете споредба), не можеле слободно да се движат, да одат во кафеани и да пазарат по молови.

И ова ќе помине. Дотогаш – без нервози, опуштено и потслушнувајте со едното уво. Којзнае, може ќе падне и некое, добро, издржано и промислено ветување.

 

 

Видео на денот