Проектот „Простор за разговор“ на „Интерарт“ ја продолжува Националната турнеја во Охрид и Струга

Културниот центар „Интерарт“ во соработка и со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, ја продолжува Националната турнеја на проектот „Простор за разговор“ – „Dancing (Talking)Table“, кој има за задача да ја подигне свеста за родовата еднаквост и семејното насилство. Следните настани ќе се одржат на 20 октомври, во соработка и партнерство со Младинскиот центар Охрид во Охрид и во соработка и партнерство со Студио за танц „Бах“ во Струга.
Првиот настан ќе се одржи во Младинскиот центар во Охрид, со почеток во 11 часот, во партнерство и соработка со центарот. Вториот настан ќе се одржи во Хотел „Дрим“ во Струга, во 13 часот. Во рамки на настаните ќе се прикаже филмот „Простор за разговор“ во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, музика на Тони Китановски, костими на Благој Мицевски и сценско обликување и светло на Матеа Мијановиќ.
Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, како и Стефани Шааршмит, Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска и Стефанија Милевска Враниќ, студенти на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“.
Филмот е создаден како сценска рефлексија на истражувањето за односот на општеството кон темата на родовата еднаквост и семејното насилство, со цел да се сврти вниманието на јавноста кон овој горлив проблем.
На двата настана, на темата ќе се обратат: Теодора Алексијоска – психолог, Јован Цветковски, раководител на Младинскиот центар Охрид, и Рисима Рисимкин, уметник и професор, уметничкиот автор на проектот, кои ќе зборуваат на темата за родовата еднаквост и семејното насилство.
Проектот, кој има за цел, преку уметнички активизам да се подигнува свеста за родовата (не)еднаквост и семејното насилство, во текот на 2023 година, патуваше низ десетина градови во земјава со цел да се поттикнат активностите и свесноста на што поголема територија. Директорот на „Интерарт“ културен центар, Матеа Мијановиќ, кој го води проектот, смета дека е „важно да се постават прашања во однос на темата и јавно да се разговара за истата“.
Националната турнеја на проектот се остварува во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Националната мрежа против семејно насилство“ и локални партнери од десетте града во Македонија, кои се занимаваат со култура и темата на родова еднаквост и родово базирано насилство.