ПОТРЕСНО СВЕДОШТВО на жртва на семејно насилство: Државата те враќа кај насилникот (ВИДЕО)

Семејно насилство. ? Фото: Архива на Слободен печат

Семејното насилство е сериозен општествен проблем и оваа констатација ја потврдуваат статистиките од повеќе владини и невладини институции во земјава. Бројките дури укажуваат дека најчеста жртва на семејното насилство е жената.

Секоја втора жена во државата е жртва на психолошко насилство, а секоја петта се соочува со одредена форма на физичко насилство.

Најчеста причина за појавата на семејното насилство се патријархалните вредности кои жената ја ставаат во подредена позиција во однос на мажот, како во бракот, така и во семејството. Вообичаено, однесувањето на насилникот е насочен кон воспоставување контрола врз жртвата, односно нејзина целосна изолација од надворешниот свет и задржување во рамките на домот и домашните обврски.

И бидејќи ваквото насилство се случува зад затворени врати, во приватноста на домот, жртвата, иако е свесна дека е жртва, сепак многу тешко се одлучува да го прекине насилството и да го пријави до надлежните институции.

Оние жени кои ќе се одлучат да го пријават насилникот во полиција, односно да се обратат до службите за социјална работа, не ја добиваат потребната поддршка и помош за отпочнување на нов живот.

Најчесто жените кои се жртви на семејно насилство се жени – домаќинки, мајки кои биле затворени во домот и немаат никакво вработување, односно се финансиски зависни. Токму заради ова жените – жртви на семејно насилство се свесни дека тоа што им се случува не е нивна вина, свесни се дека треба насилникот да се казни, но сепак заради финансиската зависност (особено кога се мајки на малолетни деца) се приморани да се вратат дома.

Овие жени, на краток рок ја имаат поддршката од државата и невладините организации, во смисла на згрижување во шелтер-центри, соодветна здравствена помош како и правна помош, но дилемата е како да се продолжи сама со деца без вработување и можност да се заработат пари со кои ќе се обезбеди покрив над главата и храна во фрижидерот.

Една ваква приказна со нас сподели и една млада жена – жртва на семејно насилство, која заради несинхронизираното делување на државните институции, сепак му се вратила на насилникот. Нејзиниот идентитет го заштитивме.

Слушнете ја нејзината потресна приказна.


Видео на денот