Последниот воз за Скопје

Фото: Слободен печат

„Добро, ќе дојде ли воопшто денес?“ – „А, бе, ќе дојде, треба да дојде, ама не знајме кога, кинисан е од Богомила наваму, ама треба да стаса Прилеп, па Битола, па да тргни за назад. Ти сметај после полноќ си Скопје“, ми вели.

Железничка станица Прилеп, 2 август, попладне. На станицата живо пиле нема, освен вработениот на шалтер. Според возниот ред, возот за Скопје треба да тргне за половина час. „Еден билет за Скопје, ве молам“. „Не може“, вели човекот на шалтер. „Како, не може?“ – „Го нема возот, не знајме ко че дојди“. – „Зошто, да не е дефект?“ –  „Ами, не е, ама жешко е, че дојди подоцна“. – „Каква врска има што е жешко“, прашувам зачудено. „Еми, има, одговара вработениот“. – „Добро, ќе дојде ли воопшто денес?“ – „А, бе, ќе дојде, треба да дојде, ама не знајме кога, кинисан е од Богомила наваму, ама треба да стаса Прилеп, па Битола, па да тргни за назад. Ти сметај после полноќ си Скопје“, ми вели. „Добро, а каде е тоалетот, ве молам?“ – „Еми, нема“. – „Како, нема, што да правам, треба до вечер да чекам?“ – „Еми тука, лево-десно“, покажува зад железничката на запуштениот простор со грмушки и паркирани товарни возила, и ги поткрева рамениците.

Станицата полека се полни со патници. На шалтерот сите го добиваат истиот одговор, па набргу меѓу себе се обидуваме да се договориме да бараме такси-возило и да делиме трошоци. Но, сите обиди да се спасиме пропаѓаат: прилепските таксисти решиле да не возат за Скопје, најдалеку до Битола, велат. Разочарано се враќаме да го чекаме возот за кој не знаеме дали и кога ќе дојде. На наше изненадување, тој наскоро стигна. Но – во спротивен правец. Нам, сепак, на очи солзи радосници. Имало надеж. За час-два ќе е назад, а после со Господ напред.

„Срамота е ова“, му се враќам на службеникот на шалтерот, „новинар сум, ќе напишам во весник за ова што го видов тука“, прозборува од мене балканскиот синдром „ќе-видиш-ти-кој-сум-јас“, вкрстен со нагон за преживување. „Ела наваму“, ми дава ишарет дискретно и ме води кон една друга просторија на станицата. Влегуваме во чиста, нова чекална со исти такви тоалети. „Е, оти ми кажа дека немате тоалети и ме праќаше да одам во грмушки“, прашувам ем лута ем благодарна за гестот. „Еми, некојпат е заклучено“, шеретски одговара службеникот. „А, бе, и тие се кираџии во зградава, не се и тие криви“, дофрла некој од патниците. Значи, Македонски железници ти се поделени на МЖ Транспорт и МЖ Инфра, а првиве им се кираџии на вторите. Да, така е, кирија им плаќаат. Тоа му доаѓа како медицинските сестри да им плаќаат на докторите кирија што работат во иста болница. Само уште полудо. Оти ниту возовите можат да ги возат по други пруги освен на овие покрај станициве, ниту овие другиве може да продаваат карти за некои други возови, освен за овие што поминуваат тука. Зошто? Не нѐ прашувај нас, велат резигнирано. Луѓево не примиле плата, добро е што работат воопшто.

Се стемнува. Патниците се размрдаа, се слуша ѕвоното на станичната отправа на возови кое најавува дека пристигнува возот за Скопје. „Ајде, па да се гледаме за арно, за убаво, среќен пат“, ме испраќа вработениот на шалтер. Веќе сме пријатели. Возот со тешко клопотење и тресење полека се извлекува од железничката станица Прилеп. Од новите е, кинеските. Патниците добиваат известување дека возот ќе оди само до Велес. Таму нѐ чека преседнување за Скопје. Тој, вториот воз, имал само еден исправен мотор, ама дека до Скопје е рамница, „ќе извлечел без проблем“. Овој нашиов се враќа назад за Битола. Завесата се спушта. Крај. Република Северна Македонија, август 2021, некаде во Европа.

Видео на денот