Почина музичкиот текстописец Марина Туцаковиќ

По борбата со тешката болест, на 67-годишна возраст почина музичкиот текстописец Марина Туцаковиќ.
Таа напиша бројни хитови за најголемите sвезди од музичката сцена на поранешна Југославија. Исто така, таа беше член на жирито во музичките шоуа „Операција триумф“ и „Пинкови sвездички“.
Марина е родена на 4 ноември 1953 година во Белград. Нејзиниот живот го одбележаа бројни среќни, но и болни моменти, а сите тие ги живееше со поддршката и љубовта од нејзиниот сопруг Александар Фута Радуловиќ.
Радуловиќ за српските медиуми ја потврди веста за нејзината смрт.
– Вистина е. Не ме прашувајте ништо. Ви благодарам за разбирањето, изјавил Радуловиќ.
По некои охрабрувачки вести во последно време, дека нејзината здравствена состојба се подобрува, следеше најтажната – Марина не успеа да се справи со болеста.
Дека нешто не е во ред во последно време кога станува збор за нејзиното здравје и закрепнување, на својот профил на Твитер првпат објави нејзиниот син Милан Лаша Радуловиќ, кој на 14 септември ја напиша следната порака:
– Помош!!! Мајка ми има тешко гушење. Службата на терен може да пристигне само во 2 часот, што може да биде доцна. Не сака да легне. Дали некој има број на експерт кој би можел да го слушне што е можно побрзо. Во Белград сме, Ви благодарам, напишал тој.
Туцаковиќ во својата кариера соработуваше и е одговорна за успешните кариери на многу локални личности како Цеца, Оливер Мандиќ, Драгана Мирковиќ, Јелена Карлеуша, Лепа Брена, Весна Змијанац, Здравко Чолиќ, Тоше Проески, Жељко Самарџијас, Северина, Неда Украден, Слаѓана Милошевиќ итн.