По три милиони евра од буџетот за рекламирање на Пендаровски, Силјановска и Река

На овие претседателски избори, за првпат, согласно измените на Законот за финасисрање на политички партии, медиумската камња на тројцата кандидати ќе се плати со државни пари. Плаќањето ќе се врши на двапати преку Државната изборна комисија, а се одвојуваат по 110 денари од запишан гласач или секој кандидат ќе може да потроши по три милиони евра за рекламирање.
Со овие пари кандидатите ќе можат да закупат простор за рекламирање во медиуми, додека закупот на билбордите и промотивните материјали ќе треба да си ги платат од други пари. Првата исплата ќе биде на 12-от ден од кампањата. Претседателските кандидати до ДИК ќе достават фактури, а изборната комисија, преку извештај на Агенцијата за медиуми, ќе провери дали рекламите нависитна биле реализирани. На 12-от ден, ДИК ќе издаде налог преку трезор да бидат исплатени парите на посебна сметка која кандидатот ја доставил кога ја поднесувал кандидатурата.
Првично беше планирано исплатата да оди преку Министерството за финансии, но подоцна, со измени на Изборниот закон, оваа обврска и беше доделена на ДИК.
На овие избори ќе се спроведе пилот проект во кој пензионерите од два пензионерски домови ќе гласаат во сабота, ден пред официјалното гласање. На 150 избирачки места ќе бидат поставени монтажни рампи со цел да се направат пристапи за гласање на лицата со попреченост.
Излезноста на гласањето Изборната комисија ќе ја соопшти во 10, 13, 15, 17 и 18.30 часот.
Новина е и тоа што претседателот на Избирачкиот одбор или неговиот заменик, ќе треба до ДИК да пратат фотографија од записникот број 16 во кој се содржани резултатите од гласањето. Овие податоци ќе бидат внесувани во системот за обработка на резултатите со што се очекува ДИК порано да ги објави првичните неофицијални резултати од гласањето.
– Со праќање на фотографиите очекуваме да престане праксата што до сега постоела, овие записници да се менуваат. Сега кога ја имаме фотографијата, тоа нема да може да се случува – објаснуваат од ДИК.
Што ќе се случи ако претседателските избори не успеат, односно ако не се обезбеди потребниот цензус и во кој рок ќе се распишат нови избори, од ДИК не можат да кажат, бидејќи таков рок не е предвиден ниту во Уставот, ниту во Изборниот законок. Поради тоа, останува претседателот на Собранието, Талат Џафери, да реши кога ќе распише нови претседателски избори.