Петровска: Мора целосно да се ревидира урбанистичкото планирање во Скопје

Ана Петровска
Прес-конференцијата се одржа во Козле, близу Германската амбасада, место кое, како што кажа Петревска, сведочи на урбанистичко планирање кое што е спротивно на добра урбанистичка пракса / Фото: МИА

Целото урбанистичко планирање, легализацијата на дивоизградените објекти, како процеси, мора целосно да се ревидираат. Единствена шанса за градот Скопје е новиот Генерален урбанистички план да ги промени овие пракси, да воспостави рамка за хумано урбанистичко планирање.

Ова го истакна кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Ана Петровска од Зелен хуман град, на денешната прес-коференција на која изјави дека заедно со носителката на советничката листа, одат низ градот Скопје за да идентификуваат проблеми, меѓутоа, и да изнајдат решенија.

Прес-конференцијата се одржа во Козле, близу Германската амбасада, место кое, како што кажа Петревска, сведочи на урбанистичко планирање кое што е спротивно на добра урбанистичка пракса.

– Имаме изграден објект, подрачје кое што е изложено на лизгање на земјиштето. Тука имаме едни скали кои што се целосно испукани, кои што кажуваат дека над овој објект, целиот брег може да се урне и да го загрози самиот објект, затоа што се изградени и други скали кои што водат погоре, кон населбата, рече Петровска.

Дополни дека целото подрачје зад објектот, со регулацискиот урбанистички план за 1986 година на градот Скопје е предвидено како потенцијално лизгалиште, клизиште, и, од тие причини е забрането да се градат објекти.

– Значи не можам да замислам, како некој дал одобрение за градба и усвоил, претходно, Детален урбанистички план, овозможувајќи овој објект тука да се изгради и да ги загрозат животите и имотите на овие луѓе, посочи таа.

Според Петревска, самото тоа што овие диви градби се изградени во зона во која што никој нема ингеренции, е повик за изградба на нови диви градби.

– Тие ги испуштаат своите отпадни фекални води во еден дол кој што служи за дренажа на атмосферските води и буици од Водно, кој што, сведоци сме и знаеме дека е едно подрачје изложено на силна ерозија. Долот за кој што зборувам е полн со градежен шут, со опасен отпад, азбесни плочи кои што се остатоци од градбата на диво изградените објекти. Исто така има и домашен отпад, кој што граѓаните кои што живеат во тие диво изградени објекти немаат каде да го одложат бидејќи се наоѓаат на улички кои се толку стрмни за да не може да пристапи комуналната хигиена, кажа Петровска.

Како последно, но, според неа, не најмалку важно, го посочи фактот што дивоизградените објекти се потпрени на поранешна пешачка патека кон Водно.

– Таа пешачка патека е само асфалтирана и сега се користи за колски сообраќај. Меѓутоа, таа е толку тесна што таму не може да пристапи ниту противпожарно ниту амбулантно возило и во случај не дај боже, кога таму би се јавил некаков пожар, заради неможност да се интервенира, може да изгори пола Водно, изјави Петровска.

Петровска вели дека легализацијата на дивоизградените објекти, изградбата спротивно на добрата урбанистичката пракса, без оглед што ГУП-от и ДУП-от тоа го дозволуваат, е целосно погрешно за идниот развој на градот Скопје. Од тие причини, како што кажа, нема многу опции освен Генералниот урбанистички план кој што е сега во изработка да го водат стручни и докажани професионалци.

Извор: МИА

Видео на денот