Отпорот секогаш е можен, потенцира Марта Попивода, режисерка на документарниот филм „Пејзажи на отпорот“

Марта Попивода / Фотографија: Маја Медиќ

Антифашистичкиот отпор е централната тема на филмот „Пејзажи на отпорот“ на режисерката Марта Попивода и сценаристката Ана Вујановиќ, кои како креативен тандем работат и живеат на релација Белград – Берлин.

Македонската премиера на документарниот филм „Пејзажи на отпорот“ на режисерката Марта Попивода и сценаристката Ана Вујановиќ се случи на фестивалот на критичка култура „Крик“ во Скопје.

Филмот ги следи трагите на антифашистичкиот отпор во текот на Втората светска војна преку интимната приказна на главната протагонистка Соња Вујановиќ, која како млада комунистка и партизанка била заробена и пратена во нацистичките логори, но успева да преживее и по крајот на војната да се врати во Југославија.

Режисерката Марта Попивода, која истовремено е филмска авторка, видеоуметница и културна работничка, беше присутна на проекцијата на филмот во МСУ во Скопје, а така се создаде и можноста за разговор со неа.

Режисерката Марта Попивода беше присутна на проекцијата на филмот „Пејзажи на отпорот“ во Скопје / Фотографија: Наташа Гелева

Како, кога и со каква цел се појави идејата за снимање на филмот?

– Соња ја запознав како тетка на Ана Вујановиќ, која е моја долгогодишна соработничка и косценаристка на филмот. Сакав да ја запознаам, бидејќи заедно со Ана, како дел од колективот „Теорија што оди“, тогаш, пред повеќе од десет години, бевме многу активни на независната, политички лево ориентираната културно-уметничка сцена во Белград, но и пошироко на територијата на Југославија. Искуството на Соња ми се виде како многу важно и релевантно за разбирањето на современиот контекст. Првиот пат кога ја сретнав и слушнав само дел од нејзината приказна, посакав да се вратам со камера и да го забележам тоа важно искуство, но и нејзиното фасцинантно раскажување. Тоа и го направив, се вратив со камера и почна долгиот процес на снимање на „Пејзажи на отпорот“. Некоја основна идеја и емоција која сакав да ја пренесам постоеше уште од самиот почеток на снимањето, а тоа беше дека отпорот секогаш е можен. Токму тоа ми беше најзначајно во приказната и искуството на Соња Вујановиќ.

Отпорот, борбата и храброста се одлика на воените генерации. Од каде се појави потребата за праќање на нивните пораки во денешното глобализирано време?

– Соња припаѓала на една група луѓе, на еден колектив – а тоа биле младите југословенски комунисти и антифашисти од 30-тите години – кои имале визија за подобро и поправедно општество, кои сакале и кои, на крајот, успеале да го променат светот. Таа храброст доаѓала оттаму што тие верувале дека е можно поинакво општество и биле подготвени за тоа да го дадат и сопствениот живот. Својата земја во војната тие ја бранеле од нацистичките и империјалистичките окупатори и нивните соработници, а Ана и јас сметаме дека таква одлучност треба да имаме и ние во денешното време во однос на современите империјалистички окупатори и новите фашизми, кои добиваат сѐ поголем простор во општеството насекаде низ Европа. Неолибералниот капитализам и индивидуалистичкото општество во кое живееме не атомизираат и прават да се чувствуваме осамено, како и дека самите сме виновни за сите неволји што ни се случуваат. Кога кажувам „неволји“ мислам на невработеноста, на недостоинствениот живот дури и кога работиме, на неадекватните и скапи здравствена заштита и образование.

Уметноста не мора да биде само симптом и рефлексија на општеството, туку може да замислува и да предлага некои нови можни светови / Фотографија од филмот „Пејзажи на отпорот“

Приказната во филмот е многу интимна и со лирски емотивен набој. Колку интимното чувство може да има влијание врз политичкото делување на една личност?

– Ние се занимаваме со културна работа, со уметност и, на крајот, со филм. Тоа за мене во голема мера значи дека работиме со афективното, со интимното, со емоциите. А уметноста не мора да биде само симптом и рефлексија на општеството, туку може да замислува и да предлага некои нови можни светови. Сметам дека, можеби, филмот е најдобриот начин за тоа, или за работа со сеќавањата, за да не натера да се потсетиме дека поинакво општество е можно. И Соња својата политичка трансформација самата ја доживеала токму низ уметноста и самообразованието, читајќи „прогресивна“ книжевност и литература.

На кој концепт е базиран Вашиот личен отпор кон некои девијации во општеството?

– Најважните концепти, според мене, во денешното време се антифашизмот, солидарноста и класната борба. А што се однесува на мојот личен отпор, тука се и афективната моќ на уметноста и филмот. Бидејќи денес мора да бидеме гласни во отпорот кон национализмот, расизмот и хомофобијата, а пред сѐ, кон експлоатацискиот капитализам и да понудиме визија за еден поинаков свет во секое место и на секаков медиум. И на улица и во кино и во галерија.

Главна карактеристика на документарниот филм „Пејзажи на отпорот“ е лирската компонента во градењето на нарацијата / Фотографија од филмот „Пејзажи на отпорот“

Филмот одлично е прифатен од публиката, но и од жиријата на различни фестивали. Како тоа го доживувате заедно со Ана Вујановиќ?

– Од својата премиера во главната натпреварувачка програма на 50. Интернационален филмски фестивал во Ротердам филмот до сега пропатува низ половина свет и доби шест награди, во Париз, Жонжу (Јужна Кореја), Солун, а неодамна и во Сараево, Белград и Лима, каде што го доби „Срцето на Сараево“ и награди за најдобар филм. Реакциите на публиката и на критиката од целиот свет ни укажуваат дека филмот допира до луѓе во различни контексти, дека приказната на Соња за отпорот, солидарноста, антифашистичката борба и желбата за живот во некој подобар свет денес е многу актуелна и многу им е важна на луѓе кои ништо не знаат за нашата локална историја. Начинот на кој Соња ја раскажува својата приказна е толку живописен и полн со емоции, а тоа е само една (женска) страна на историјата, која не сме имале можност често да ја слушаме, но мислам дека публиката сето тоа многу добро го препознава и го разбира. Ана и јас сме пресреќни поради сето тоа , но и поради прекрасните паметни мисли и чувства што филмот ги предизвикува.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 99, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 октомври 2021)

Видео на денот