Операција: „Жедни преку вода“

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Од она што може да се види со голо око, операцијата за згаснување на повеќето важни истраги, обвиненија и судски процеси што се водат во СЈО, е добро испланирана, временски и хиерархиски вешто координирана и издашно финансирана.

Во планот за изведување на таа операција има делови што ги одработуваат политичарите и од власта и од опозицијата, потоа разни правосудни и други државни инстанци, како и медиумски дејци кои имаат за задача да создадат пропагандна клима во јавноста дека сè околу прашањето на правната држава во Македонија е, всушност, релативно и може подеднакво веродостојно да се толкува од сите замисливи и незамисливи агли. Во така поставената приказна, еднакво право на глас имаат и Хитлер и Евреите.

Оние кои учествуваат во таа операција имаат различни инспирации. Некои тоа го прават заради повисоки политички цели. Други затоа што се директно засегнати од успехот на урнисувањето на СЈО. Трети за пари. Можно е, иако не и задолжително, идеалистите и „монетаристите“ да имаат мешани мотиви. Во секој случај, овие што финансираат, и тоа дебело, не работат за идеали – го прават тоа затоа што имаат пари за да си ја испазарат слободата.

Договорот е паднат, рацете се стегнати, и тешко дека целата работа може да се спречи. Претпоставувам дека и авансите се исплатени. Остатокот ќе биде кога ќе се заврши работата. Крајните исплати можеби ќе бидат во форма на неочекувани бизнис зделки, промени на сопствеништва, ќе се распределат и нешто квадрати на атрактивни локации, но и кешот не е за потценување.

Затоа и мислам – да повторам од она што се обидов да го дијагностицирам во вчерашната колумна – дека целава „напната“ приказна со претседателските избори (Ах, дали ќе ги биде или не, Гордана или Стево, прашање е сега!), е само еден вид на пропагандно-политичка „димна бомба“ за оттргнување на вниманието на јавноста од главната приказна што се одвива зад сцената.

За успехот на оваа конспирација постојат многу погодни предуслови. Заев веќе отворено предупредува на „фантастичните очекувања“ кои нереално ги негува дел од јавноста кај која правдата беше дел од условот за општествен мир. Мицкоски упорно се труди да изигрува „корисен идиот“, запенавен по митинзи, бидејќи тој и онака ништо не контролира од агендата на неговиот шеф, туку само треба да го шири „чадот од бомбата“ за доволно да се заматат погледите на публиката, за таа да не сфати што се случува. Ахмети, по обичај, со итрина на прематарите од „Пластичарска“, игра на сите страни, бескрајно загрижен за прозападната ориентација и стабилноста на земјата!

Парадоксално, меѓу оние на кои им стана јасно што се случува, се и осудените од 27 април. Затоа и тие решија да го фатат „последниот воз“ со барањето помилување од Иванов – па, велат тие, кога е општонароден бал, нека биде под маски! Бидејќи и тие учествуваа во матењето на водата, не се чувствуваат подготвени да останат осамени на дното, кога милта ќе се слегне.

Како реагира „меѓународниот фактор“?

Американците, со значајно молчење, стојат на страна и „од високо“ следат како ќе се заврши целата операција. Ним сè им е јасно, но тие се само задолжени за одржување на „големата слика“, а по успехот со НАТО, веќе не ги интересира фолклорот и валканиците во самиот внатрешно-политички процес – „Тоа си е ваша работа, вие си ги бирате“, ми вели еден познаник запознаен со деталите од таа „птичја перспектива“… ЕУ, пак, има милион други поголеми проблеми и нема намера да си ја проблематизира успешната приказна со РСМ. На разни членки на Унијата згодно ќе им дојдат аргументите за нашата успешност или неуспешност во реформите, кога за тоа ќе им дојде време… Турција гледа во матното да истера некоја сопствена агенда, правејќи проблем таму каде што го нема… А Русија трла раце, бидејќи разбира дека основата на договорот е гнила, што ќе ѝ овозможи понатамошен маневарски простор за одржување на своите геополитички интереси во регионот кои се темелат врз стратегијата за пролонгирана нестабилност.

Како што се гледа, агендата, а веројатно и највлијателните кадри на ова СЈО, заминуваат во историја. Ќе видиме што ќе прави новото СЈО, со оние кои ќе останат во него. Очекувам силни зборови на поддршка за правната држава, од разни политичари, кога ќе се востанови тоа, ново СЈО. Всушност, ќе биде лесно да се препознае кои се замешаните во целата оваа операција – веројатно оние кои ќе бидат најгласни и најречити за време на „реформскиот“ правосуден парастос.

Најглавните од оние, пак, кои низ најважните активни предмети на СЈО уште поминуваат низ некакви правни непријатности – ајде, ајде, не се правете недоветни, сите знаете на кого се мисли! – можат да почнат дискретно да прославуваат, бидејќи целата таа правосудна фуртутма низ која поминаа, во догледно време, ќе биде покриена со првостепени, второстепени и врховни одлуки за прав, рузмарин и шаш. Не беше евтино, ама на крајот се исплатеше.

А до тогаш, на еден или друг начин, кој се наплати – се наплати. Другите ќе останат пренесени жедни преку вода.

Извор: Цивил медиа

Видео на денот