Од главна фаца во скопскиот ноќен живот до полициска кариера | Владимир Ристов: Ме викаат Камењар од дете – во маалските „војни“ бев најпрецизен со камен, не биваше да ме викаат „писмејкер“

„Нови дечки“ веќе се „стари“, но доколку не се сеќавате на нив, вие сте сигурно многу млади. Еден од нив, на скопјани им е познат и по дискотеките и скопските клубови каде беше сопственик или менаџер. И сè што е познато за сите, не е наша тема на интерес, па затоа со Владимир Ристов – Камењар, разговаравме за нештата кои си ги зборуваме со најблиските.

Роден е на 23 април кон крајот на седумдесетите години во Скопје. Завршил Криминалистика на Факултетот за безбедност, а работи во Министерството за внатрешни работи во Одделот за криминалистичка полиција, како началник на единицата за економски криминал. Сака да спортува: трча, планинари, оди во теретана и, како што самиот вели, многу љуби да патува и да излегува т.е да се забавува со другарите и пријателите. Љубов му се угостителството и хотелиерството. Татко е на две палави деца Јована Ристов, 5 години и Дарин Ристов 3 години.

Вистинското запознавање на една личност, го вклучува и детството, бидејќи, сите ние, помалку или повеќе, сме обликувани токму од тој период. За своето детство Камењар раскажува:

– Моето прво сеќавање од детството е како мајка ми ме носеше во градинка (во магла), на возраст од 4, 5 години, излегувањето пред зграда во стар Аеродром и запознавањето со првите другарчиња што живееа над мене, двете кули што се во близина на Воениот базен односно до О.У. „Љубен Лапе“ колку беше пусто и зафрлено, тогаш почнуваше да се гради Аеродром, тоа беа последните згради, не постоеше ништо од ова што го гледате денеска.

Секој ден ми беше среќен, пресреќен, многу си игравме и се дружевме, многу бевме сложни и палави, премногу се тепавме, имавме неограничена сигурност и слобода на целата територија на Скопје, секаде уште од мали нозе сме се движеле без никаков страв. Аеродром беше едно огромно градилиште и доаѓаа постојано нови доселеници со кои имавме замислена војна (н.з се смее).

Од тоа време ме завикаа и Камењар. Како мал во тие детски игри – маалски војни бев многу прецизен – како Вилијам Волис – со камен им дупнав глави на 30-тина деца, не биваше да ме викаат „писмејкер“, искрен е нашиот соговорник.

Додава дека имал нереално убаво и возбудливо детство, секој ден ново искуство, секојдневни нови познанства.
-Кога ги гледам денешниве деца и моите деца, на некој начин ги жалам дека нема ништо да видат и доживеат од тоа ние што сме го доживеале. Сега им се „тресеме“ и ги чуваме до 15-16 години, а нас нè пуштаа сами уште на 5- годишна возраст. Нормално беше сам да се облечеш и сам пешки да отидеш до училиште кое беше на 1 км од дома. Многу сум им благодарен на моите родители што ме воспитуваа да бидам чесен, вреден, скромен, хуман, алтуристичен, односно ме воспитуваа во духот на највисоките човечки и морални вредности, бидејќи и тие самите навистина беа такви луѓе, вели Камењар, кој сега работите ги гледа од перспектива на родител.

Владимир Ристов – Камењар вели дека не постои момент или период кој направил да созрее, односно дека човекот созрева и учи додека е жив. Влијанието на околината е секојдневна, светот се менува, па така и ние цело време се менуваме. Како најголемо влијание и пресврт во неговиот живот го памети патувањето и четиримесечниот престој во Америка во 2002 година во Њујорк и Мајами, и додава:

– Тоа ми беше магистратурата на животот, сфатив кој сум и колку можам. Со другар ми Мете имавме период од 7 дена кога немавме ништо за јадење и пиење, бевме буквално без пари, а имавме стан во центарот на Мајами. Не знаевме сами со себе што да правиме, скоро и да не разговаравме тие неколку денови, немавме што да си кажеме од тоа колку бевме уплашени, преморени и гладни. Мислевме брзо ќе најдеме било каква работа на црно, а останавме гладни додека не ни стигнаа пари од Скопје. Добро заврши сè, но тешко беше што ние така прегладнети гледавме луксузни автомобили, дотерани луѓе, девојки во најдобрите локали, раскажува Камењар.

Не смета дека тоа што бил дел од групата „Нови Дечки“ или пак менаџирањето со дискотеки му донеле некакви „привилегии“ во однос на девојките, туку неговата ѕвезда.
– Или им се допаѓаш или не, просто кажано или ти грицка или не (н.з се смее). Сепак, запознавањето и зближувањето беше многу побрзо кога почнав да работам угостителство. Сега, со социјалниве мрежи, е како на берза, вели Камењар во негов препознатлив стил.

Иако, од страна, тој ноќен живот, исполнет со забава, алкохол и девојки делува примамливо, за Камењар тоа претставува најтешката и најстресната работа, и продолжува:
– Да, во минатото, односно пред 20 години, навистина беше поубаво, имаше многу поголема заработувачка, помала конкуренција, луѓето сите се познаваа меѓу себе, имаше многу помалку места за излегување, имаше хиерархија за сè, се почитуваа повозрасните. Скопје беше слатко и убаво гратче со околу 500.000 жители, граден според сите светски стандарди, а сега, сега го уништија и упропастија, не е веќе град за живеење, можеби само за работа. Инаку, многу, премногу се забавуваме, може да кажам и дека претеравме во забавата.

Долги години, од убаво, поубаво ми се случуваше без престан, што понекогаш посакував да почувствувам да бидам тажен, несреќен или некое друго чувство, бидејќи некако и убавината знае да здосади. Многу се дружевме сите во Скопје, многу патувавме, многууу, многуууу забава, односно 20 години ми беа само забава и сум пресреќен што ми било така, спомените во мозочето ми се за три животи.

И покрај сите убавини кои му се случувале, Камењар во еден момент се откажува од овој бизнис, кој всушност е и начин на живот. Тоа го сторил кога, како што вели, се измешале брзините, кога во тој бизнис влегле такви „дибеци“, нешто кое и до ден денес не може да си го објасни, зошто и како се случило. Заработката почнала да се намалува и сиот тој стрес и таков начин на живот не вределе повеќе.

– Го уништија ноќниот живот, забавата и сè останато. Среќа, во последниве 2-3 години повторно, горе – доле, се вратија вредностите и стандардите, има многу големи и убави локали и кога гледам од страна, ме фаќа страв колку вложуваат, а не знаат дали добро ќе работат, дали ќе им се вратат вложените средства, многу ризикуваат и плус со пандемијава многу загубија. Да, ме фаќа носталгија за таа работа и не се знае дали повторно ќе се вратам во тој бизнис, искрен е Камењар.

Веројатно не постои човек на овој свет кој не жали за некои нешта во животот кои ги направил или ги пропуштил. Па така и Камењар. Се кае што не научил добро да говори барем два странски јазици, поради што се чувствува „хендикепиран“ кога патува во странство, и на оваа тема, но и на тема успех, додава:

– Им завидувам на сите што знаат по 2-3 јазици. Не би можел да одвојам нешто што го сметам за мој најголем успех, но можам само да кажам дека најсветла точка ми се моите две деца и сум ѝ благодарен на природата што ми подари такви деца. Нив ги воспитувам најдобро колку што умеам и знам, не можам сè уште да ги советувам, многу се малечки. Се надевам и се молам да живеат и доживеат многу поубави работи од нас, дека нема ништо лошо да видат и доживеат од тоа ние што сме го доживеале.
Ако носталгијата по креирањето на убав ноќен живот е она кое најмногу го мачи Камењар, посакуваме поскоро да се врати, бидејќи и ние сме носталгични по забавите кои ги правеше тој.











