Новата Суперлига гарантира 900 милиони евра годишно за секој учесник

EPA-EFE/ARMANDO BABANI

Новата Суперлига, која се очекува да ја замени Лигата на шампионите, ќе гарантира приход од 900 милиони евра годишно за секој тим, кој има загарантирано учество. Оваа сума не ги вклучува износите кои тимовите ќе си ги поделат од наградниот фонд.

Новиот проект сè уште е во процес на преговори помеѓу Европската асоцијација на клубовите и УЕФА.
Според откритијата на  весникот „Шпигел”, во новоформираната Суперлигата би требало да учествуваат 16 од најголемите клубови во Европа, а 11 екипи кои се основачи ќе имаат постојано учество и во нивни раце ќе отиде и најголемиот дел од финансискиот колач. Тоа се  Реал Мадрид, Барселона, Манчестер јунајтед, Баерн Минхен, Јувентус, Челси, Арсенал, ПСЖ, Манчестер сити, Ливерпул и Милан. Се очекува во првата сезона како гости да учествуваат и  Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Олимпик Лион, Интер и Рома. Предвидено е Суперлигата да има две фази, групна и елиминациска.

Најголем проблем во преговорите помеѓу клубовите и УЕФА е терминот на одигрување на натпреварите. УЕФА бара натпреварите од новото натпреварување да се играат за време на викендите како би биле подостапни за телевизискиот пазар во Америка и Азија. Натпреварите од домашните лиги, европските гиганти би ги играле во работните денови.

Стартот на евентуалното натпреварување би бил во 2024 година, кога ќе заврши сегашниот договор на УЕФА со носителите на ТВ правата за Лигата на шампионите.

Видео на денот