Никола Гелевски: Фестивалот „Друга приказна“ е посветен на сликовниците кои долго време беа заборавени

Никола Гелевски, писател/ Фото: Слободен печат

На 1 и 2 октомври (петок и сабота) со почеток од 18 часот, во Пионерскиот дом „Карпош“ по шести пат ќе се одржи книжевниот фестивал „Друга приказна“. Поднасловот на овој регионален книжевен фестивал е „мали фикции“. Фестивалот настојува да ги афирмира експерименталните книжевни форми и средбите на книжевноста со другите медиуми.

„Една од причините зошто фестивалот се одржува во Пионерски дом „Карпош“ е темата која оваа година се сликовниците. Од самиот почеток беше замислен да се занимава со алтернативните подрачја на книжевноста, односно со просторите каде што книжевноста се вкрстува со други медиуми, со музика, со уметност. Не’ интересира и книжевноста како експеримент. Фестивалот е книжевен, регионален и во голема мера скопски, но не книжевност на оној класичен начин, бидејќи има доволно такви фестивали и се’ повеќе ги има, неговиот поднаслов е мали фикции. Минатата година имавме одличен фестивал посветен на литературата за деца, па делумно и од тоа инспирирани, оваа година решивме тема да ни бидат сликовниците и тоа не исклучиво сликовниците за деца, туку воопшто односот меѓу сликата и текстот. На пример, мото на фестивалот е онаа славна реченица на Леонардо ‘Сликата е нема песна, а песната е слепа слика’ за да ги натераме луѓето да размислуваат во ова време на инфлација и лудило на слики за односот меѓу сликата и текстот“, вели Никола Гелевски, писател, издавач и главен уредник на издавачката куќа „Темплум“, која го организира фестивалот Годинашен добитник на главната награда на фестивалот „Друга приказна“ е познатиот бугарски писател Георги Господинов.

„Минатата години тој направи сликовница заедно со ќерка му, многу необична, еден експериментален проект, кај нас брзо ја објавија „Или – или“ и тоа ни беше уште еден аргумент зошто тој треба да ја добие наградата, а инаку тој е познат по својата отвореност да си игра и да експериментира со книжевноста, на пример, тој има микро раскази „Сите мои тела“, сјајна книга. Господинов пишува и поезија, есеи и на некој начин постојано си игра помеѓу филозофија, книжевност, игри со зборови, со слики, така што е идеален кандидат за наградата „Друга приказна“. Освен тоа е еден од тие пет – шест писатели од регионов што се најпреведувани на запад и мислам дека донесовме правилна одлука и горди сме на сите добитници и сакаме да го прикажеме регионот во најдоброто светло, но не во некаква конвенционална смисла – овој продава најмногу книги, оној е најмногу преведуван, туку баш писатели кои ја преипитуваат улогата на книжевноста во општеството бидејќи и тоа ни е важно – тие пораки што се повеќе од книжевност“, рече Гелевски.

Тој додава дека во последните години има мал развој на книгите за деца. Има издавачки куќи кои имаат одлична продукција и тоа е видливо и заради тоа што долги години литературата за деца била запоставувана.

Видео на денот