Ни отиде ли умот?

Вакцината е право на избор. Така е. Секаде во светот. Но секој избор во животот носи некакви последици, добри или лоши. Нашиот живот е збир од избори што ги правиме. А некои од нив носат ограничувања.
Тамам човек ќе помисли дека видел сѐ во животот, тогаш се случува нешто што повторно ќе го остави со подзината уста. На пример, сечењето и палењето на медицинските маски на протестот на антиваксерите. Сите сме виделе како на разни протести се палат знамиња како знак на сериозно несогласување со некоја држава за некоја постапка. Недозволиво, незаконски, варварски – но ајде некако и да се сфати пораката на таквиот чин.
Но, сечењето маски? Која порака сакаа да ја упатат со тоа граѓаните што излегоа со паролата „мое тело, мој избор“? Дека короната не постои, дека не треба да се носат маски, да се држи дистанца, да се мијат раце? Оти, едно е од какви било убедувања и причини луѓето да се против вакцинирањето, а сосема друго е да не се почитуваат мерките за заштита од вирусот.
Вакцината е право на избор. Така е. Секаде во светот. Но, секој избор во животот носи некакви последици, добри или лоши. Нашиот живот е збир од избори што ги правиме. А некои од нив носат ограничувања.
Светот речиси две години се соочува со сериозна здравствена криза и државите прават сѐ што знаат и умеат да го спречат ширењето на вирусот. И во најдемократските земји на кои сакаме да се угледуваме и со кои честопати правиме споредби се воведени мерки. И тие ги ограничуваат слободите на кои сме навикнати. Сето тоа е обид колку толку да се вратиме на нормалниот живот, иако новото нормално ни одблизу не е она што беше. Не се знае ни колку ќе трае, ни дали некогаш ќе заврши ова корона-лудило. Сите се надеваме дека еднаш ќе помине, затоа што, нели, сѐ поминува. Но, дотогаш во корист на општото добро мора да има мерки и ограничувања. За некои граѓани во моментов се поголеми, за некои помали, но сите се засегнати.
Е сега, тие што не се вакцинирани, нема да одат во кафеани и на разноразни случувања каде што има повеќе народ. Затоа што тие самите така избрале, го искористиле своето демократско право. И нема тука лутење!
Дали со тоа се дискриминирани? Секако дека се. Но, нели се дискриминирани и дечињата што не можат да одат во градинка на родители што работат од дома или едниот е невработен? Нели е загрозено нивното право на игра, на социјализација? Дали е во ред учениците да не смеат да контактираат со своите другарчиња од другото одделение, да седат со маски на часовите, да не можат заеднички да истрчаат во училишниот двор? И нели беше дискриминирачки едни да одат во училиште, а други да следат онлајн настава?
За жал, здравствениот хаос во кој живееме наметнува многу дискриминирачки ситуации. Многу непопуларни мерки кои предизвикуваат жестоки реакции, па дури и навреди за постапките на Владата. Но, едно е сигурно – доколку се тргнат настрана приврзаноста и симпатиите кон една или кон друга политичка партија и се размисли со бистра глава заклучокот секогаш ќе биде ист – кој и да беше на чело на државава во ваква здравствено лоша ситуација, мерки ќе имаше. И ограничувања исто така. Сето друго што се тврди е само замајување на народот и гол популизам.
Во однос на потребата да се оди во кафеана по секоја цена (и во однос на несвесноста на некои луѓе за сериозноста што ја живееме) треба да се спомене новиот „бизнис“ по социјалните мрежи. Продажба на сертификати за вакцинирање. Страшно! Кај ни е умот или – ни отиде ли умот?