Независниот синдикат на шумската полиција на протест: Николовски да го потпише колективниот договор

Шумските полицајци денеска на протест во Градскиот парк, пред зградата на Министерството за земјоделие, побараа од министерот Љупчо Николовски да го исполни тоа што го говорел додека беше технички министер за земјоделие пред парламентарните избори во 2016 година. Тие на звучник го пуштаа неговиот говор од 2016 година во кој Николовски зборува за лошите услови во кои работат шумските полицајци.
Претседателот на Независниот синдикат на шумската полиција во Прилеп, Атанас Вељановски, вели дека тоа што Николовски го ветил, не го исполнил.
– Не го потпишавме колективниот договор. Затоа сме тука да му порачаме дека ние постоиме и понатаму ќе постоиме, но уште подобро ќе биде ако Љупчо Николовски го потпише колективниот договор и се решат сите проблеми на шумските полицајци – вели Вељановски.
Барањето на синдикатот е во колективниот договор да влезе плаќање 30 отсто врз основ на овластување.
– Шумските полицајци се овластени службени лица, задолжени со лично и формациско наоружување, но не добиваат ниту еден процент за ризик од работа на овластување – вели Вељановски.
Тој додава дека на полицијата ѝ се потребни и нови униформи.
Од Министерството за земјоделство, пак, велат дека до сега со Независниот синдикат се одржани неколку состаноци и очекуваат од синдикатот да достави финален предлог.

– Со оглед на тоа дека сме во изборен процес, поради законските ограничувања, по завршување на изборите ќе продолжи процесот на преговарање со синдикатот за надминување на разликите – вели Трајан Димковски од Министерството.
Тој додаде дека за месец или два ќе се распише тендер за набавка на 400 нови униформи за шумската полиција.
Димковски додава дека и доколку се постигне согласност со синдикатот за колективниот договор, проблем е кој синдикат ќе го потпише договорот.
– Евентуално потпишување на колективен договор ќе треба да биде потпишан од страна на репрезентативен синдикат, проблем е кој е репрезентативен синдикат. Разговараме и со двата синдикати и независниот и репрезентативниот – објаснува Димковски.
Полицајците се пожалија и на укинувањето на плаќањето за прекувремените часови работа, на што од Министерството објаснија дека плаќањето не е скратено, туку наместо пари, полицајците имаат можност да користат слободни денови.