Неподносливата баналност на злото

ПН: Ужасот на банализирањето на злото е токму во неговото оправдување, во неговото претворање во секојдневие што со плиток ум и нула емпатија секојдневно го следиме на нашите екрани. Неподносливоста на баналното зло се состои токму во неподносливата леснотија со која светот злото го претвора во секојдневие.

Поимот „баналност на злото“ го искова Хана Арент, една од највиспрените мислители во 20 век, во својот извештај за судењето на нацистичкиот злочинец Ајхман 1961 во Израел. Филозофската теза за баналноста на злото како категорија што драстично излегува од теоретските рамки на Кантовото „радикално зло“, предизвика многу контроверзии уште додека Ајхман ја чекал својата пресуда но и децении подоцна, а, за жал, тезата за плиткоста на злото како да одекнува со сè поголема длабочина и актуелност и во 21 век. Последниве денови, месеци и години, можеби веќе со неподнослива силина.

Ајхман бил оптужен за убиството на повеќе милиони Евреи, како инженер на ѓаволското зло што нема преседан во човечката историја, но Хана Арент го наслика како најобичен бирократ, просечен и незабележителен опортуниста, кој незапаметеното зло го направил од недостаток на мислење, плиткоумност и службенички кариеризам, кои се својства и на десетици и стотици милиони обични луѓе, практично на сите нас. Револуционерноста на оваа филозофска теза се состои токму во отворањето на можноста и најголемото зло воедно да биде и најобично, а извршителот на тој magnum crimen да не биде самиот ѓавол или некој негов агент, кој злото го смислува со садистичка насмевка на влакнестото лице, со шилести уши и јарешки рогови, туку обичен службеник, сосем нормален човек што во одредени (ужасни) околности злото го врши рутински, по службена должност и во согласност со нормите што ги почитува и целото негово социјално опкружување.

Гледајќи го Ајхман, Хана Арент сосем сигурно го зема есесовскиот штурмбанфирер како стереотип на нормален човек какви што биле уште милиони Германци (и други Европјани), кои од секојдневен опортунизам и навики, а најмногу поради некористењето на способноста за размислување, активно или пасивно учествувале и ги овозможиле најбруталните и најдивјачките злостори во историјата. Баналноста на злото му се спротивставува на вообичаеното човеково посегање по нечовечкото, ненормалното и ѓаволското, кога се објаснуваат монструозните злочини. Токму спротивставеноста кон конвенционалното овозможува да се согледа храброста на оваа теза, но воедно и нејзината длабинска вистинитост. Зашто, премногу очигледно е обратното: дека буквално во сите големи злостори токму починителите се оние што редовно се служат со дехуманизација на своите жртви, нарекувајќи ги нелуѓе, дивјаци или животни, на тој начин легитимирајќи го својот злостор.

Имено, многу е полесно злото да се бара кај ненормални поединци, психопати, садисти и генетски злобници, отколку тоа да се бара во општествените околности во кои и чудовишните злостори можат да ги вршат сосем нормални луѓе. Само со баналноста на злото може да се објасни масовноста со која во фашистичката Европа се вршеше истребувањето на 30 милиони Словени, 6 милиони Евреи и милион Роми, во времето кога Хитлер убивањето на дехуманизираните Словени, Евреи и Роми го направи легално и прифатливо однесување; во општество во кое злосторот станува закон, а убивањето на „подлуѓето“ од страна на ариевците е морално исправно и општествено корисно, како еден вид нормирана и нормална, општоприфатена јавна хигиена.

Така баналното зло станува нешто многу пострашно отколку што е ѓаволското или анималното, нечовечко зло, зашто за баналното зло се потребни само историски услови во кои милиони обични луѓе, без размислување и морални тегоби, ќе станат учесници во злостори од незапаметени размери. Бидејќи токму тоа им се случи на десетици милиони Германци и припадници на практично сите европски народи што непосредно учествувале во најголемиот злостор на сите времиња, или посредно, вршејќи ја во тишина својата служба и на тој начин овозможувајќи го злосторот.

И бидејќи токму тоа се случува повторно, кога стотици милиони луѓе во Европа и Америка во тишина гледаат како израелската држава врши ирационален но смислен, организиран и систематски воен злостор, прекинувајќи го дотекот на електрична струја, вода за пиење, храна и медицински средства на безмалку три милиони цивили од кои голем дел се деца, воедно бомбардирајќи ја до уништување можеби најгусто населената цивилна урбана регија, појасот Газа, во која тие живеат.
Никој не го одрекува фактот дека Израел пред десет дена беше завиткан во црнина, шок, жалост и јарост, зашто го претрпе најужасниот терористички напад во неговата историја, во кој на дивјачки начин беше одземен животот на 1.400 луѓе, од кои најголемиот дел невини цивили, деца, младинци, жени, мажи и старци. Невозможно е нормален човек најостро да не го осуди овој масовен колеж на невини луѓе, но дали овој ужасен злостор му дава право на Израел да почини уште поголем и помасовен злостор над палестинските жители на Газа?

Не можам да замислам ниту едно морално исправно, здраворазумско и хуманистичко становиште – за нормативно-правно и да не зборувам – што би можело да го оправда воениот злостор што во име на одмазда израелската војска го врши над целото население на појасот, веќе убивајќи повеќе од 4.000 цивили, меѓу кои повеќе стотици ситни деца.
Но, лидерите на колективниот Запад, најразвиените, најдемократските и најслободните земји на светот, сите до еден ја повторија безрезервната поддршка што му ја даваат на Израел во справувањето со последиците од најголемиот терористички напад во неговата историја. Во оваа безрезервна поддршка лидерите на најмоќните – САД, Германија и други, му дадоа на Израел картбланш во подготвувањето и изведувањето на „специјалната војна операција“ за дехамасизација на Газа, притоа употребувајќи го истиот аргумент (како да е напишан од една рака), имено, дека Израел „има право да се заштити себеси“. Давајќи му зелено светло за воената акција која од самиот свој почеток ги има сите атрибути на масивен воен злостор кон невиното цивилно население на Газа, „слободниот свет“ практично го легализирал и банализирал злосторот во кој сите ние, без оглед на личните убедувања и чувства, сме присилени да учествуваме како соизвршители.

Злосторот кон човекот и човештвото не смее да се оправдува со никакви аргументи, а особено не како праведна одмазда за претходно сторениот злостор. Зашто, баналноста на злото, таа најрадикална појавност на злото, се состои токму во „рационализацијата на злото“, во наоѓањето оправдување за неговото вршење, било да е тоа „правото да воспостави сувереност над својата територија“ или „правото да се одбрани и одмазди за нанесениот злочин“.
Секоја легализација на злосторот поради претходно сторен злостор, неодминливо го легализира и претходниот злостор, зашто и сторителите на тој претходен злостор имале исто такво оправдување. Ужасот на банализирањето на злото е токму во неговото оправдување, во неговото претворање во секојдневие што со плиток ум и нула емпатија секојдневно го следиме на нашите екрани. Неподносливоста на баналното зло се состои токму во неподносливата леснотија со која светот злото го претвора во секојдневие.

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот