Некогашниот кошаркарски ас Гешоски е во тешка ситуација: Зарем не заслужив пензија да се спасам од мизерија

Поранешната македонска кошаркарска ѕвезда Стеван Гешоски ги живее најтешките моменти во животот. Оставен е без никакви редовни примања, а страда од тешка болест, има постојани болки. Гешоски апелира до Агенцијата за млади и спорт и до државните инстуции, за него и за други некогашни заслужни спортисти во слична ситуација, да се најде модус и да им се овозможат скромни редовни примања за достоен живот
Стеван Гешоски (66) некогаш ги воодушевуваше љубителите на кошарката во Македонија и пошироко со своите потези на паркетот, ги креваше трибините на нозе. Тој е секако едно од најголемите имиња на македонската кошарка.
Некогаш беше моќен, но сега состојбата му е незавидна, а тој остана без било какви приходи, не по своја вина, туку поради тоа што ова општество некогаш знае многу сурово да си поигра со заслужните спортисти. Гешоски страда од неизлечива дегенеративна болест, тешко е подвижен, трпи болки, а како капак на тоа нема никаква пензија, практично никакви приходи за да се издржува.
Стеван апелира до Агенцијата за млади и спорт и до државните органи да сторат нешто за него и за други заслужни спортисти кои како него ја поминале младоста во служба на остварување врвни спортски резултати, но не добиле ништо за возврат и сега едвај преживуваат.
Врвни резултати, а стаж нула
– Повеќе од 15 години траеше мојата кошаркарска кариера на паркетот, постигнав врвни резултати, придонесував многу за спортот. Но, такви беа времињата, од тие над 15 години јас немам ниедна година стаж. Имам стаж од околу осум години, што го остварив преку друга работа, но тоа е недоволно за пензија. Тешко сум болен, а немам никакви редовни приходи. Апелирам до Агенцијата за млади и спорт и до државните органи да сторат нешто како за мене, така и за други слични случаи. Еве еден од нив е Драган Мутибариќ, легендарен голман. И тој е во слична ситуација, а има и други, но не во толку голем број, така што тоа не би било оптоварување за буџетот. А би се решил нашиот проблем, би можеле да живееме достоинствено – вели Гешоски.
Тој страда од дегенеративна болест што резултира со изумирање на рбетниот мозок.
– Тешко сум подвижен и трпам постојани болки секој ден, колку е исцрпувачки само јас си знам. Се уште се движам, но состојбата се влошува… Се потешко ми е, а за влошување предизвикува и тешкиот ментален притисок, поврзан со мојата несигурна иднина без никакви примања. Со лекарства болките привремено се намалуваат, но, повторно се враќаат – вели Гешоски.
Гешо пред неколку години имаше и друг тежок здравствен проблем, мозочен удар, кој, како што вели тој, остави последици, но не крајно сериозни. При закрепнувањето од ударот, во лекарска контрола му е откриена оваа болест што сега го мачи и што оди на полошо како што тече времето. А лек нема. Згора на здравствената беља, нема никакви приходи, а други се грижат за него.
Требаше ли да дојдеме до ова дереџе?
– Дали треба јас и сличните на мене некогашни спортисти да дојдеме до ова дереџе? Потребна е само добра волја од надлежните државни структури да ни се обезбеди скромен постојан месечен приход. Ако се има волја тоа може да се изведе, не е голем трошок, но некако како да се нема волја. Имаше иницијатива пред неколку години од државата, но се остана само на тоа. Ништо конкретно. Во други земји заслужните спортисти кои имаат слични проблеми како јас, се многу подобро згрижени – вели Гешоски, кој не губи надеж дека и тука правда може да има, бидејќи тој сигурно заслужил со она што го даде на кошарката.
Гешоски е еден од ретките кошаркари од Македонија, кој бил член на сениорскиот состав на реномираната селекција на Југославија, со која има освоено сребрен медал од Медитеранските игри во Сплит 1979 година. Тој има сребро и од Универзитетските игри во Мексико, а неговата клупска кариера ја одбележа тоа што беше капитен на нашите најтрофејни клубови Работнички и МЗТ Скопје. Со Работнички стаса и до полуфиналето на Купот на победниците на куповите, како и до две куп-финалиња во Купот на поранешна Југославија.