Неинтонирањето на химната е пропуст, но не и кривично дело

Неинтонирањето на химните на двете држави при вчерашната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас, не е директно кршење на Законот за употреба на химната, грбот и знамето, но сепак објаснувањето дека тоа е направено заради доцнење на авион не држи вода, коментираат познавачите.

Во член 25 од овој Закон е наведено дека химната се изведува:

1) при испраќање на претседателот на Републиката од Република Македонија во официјални посети на странски држави и при неговото враќање во Република Македонија;

2) при официјално доаѓање во Република Македонија, односно при испраќање од Република Македонија на претседател на држава, суверен или овластен претставник на меѓународна организација;

3) при полагање венци на воени гробишта, гробови на паднати борци и на други слични места од страна на официјалните претставници на Република Македонија и

4) во други случаи предвидени со закон.

Химната на Република Македонија се изведува со: свирење, пеење или и со свирење и со пеење.

Професорот по уставно право Темелко Ристевски, вели дека може само да се претпоставува зошто химната не е интонирана, а доцнењето од половина час не е издржано објаснување.

– Она што се споменуваше дека проблем бил текстот на химната, бидејќи тој не е променет согласно промена на името, не значи ништо, бидејќи можеше само да се пушти музичкиот дел без текстот – вели Ристевски.

За поранешниот уставен судија, Трендафил Ивановски, овој настан е свесен пропуст од вообичаениот начин на пречек на високи странски гости.

– Химната може да се интонира, но тоа не е задолжително, тоа зависи од одлуката на протоколот на домаќинот. Можеби во оваа консталација на односи и се уште не докрај имплементиран Договор од Преспа се проценило дека посетата може да помине и без овие протоколарности. Не гледам дека е направено некакво кривично дело како што тврди опозицијата – вели Ивановски.

Кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова, синоќа коментираше дека македонска приказна е во химната, во борбата за правдините, ама дека премиерот Заев вчера всушност го прекршил Законот за грбот, знамето и химната, закон што се носи со двотретинско мнозинство, закон во кој што се вели дека било каква официјална средба уште на аеродромот и пред Владата и пред било кој орган мора да се емитуваат, да се чујат химните на двете држави.

Химната во ниту еден момент не била, ниту ќе биде спорна, ниту ќе се менува, дециден беше владиниот порпарол Миле Бошњаковски на денешната прес конфернција.

– Химната останува иста и текстуално и инструментално. Ниту некогаш се разговарало химната да претрпи измени, ниту за тоа ќе се разговара. Вчера поради доцнење при слетување на авионот со грчкиот премиер Алексиск Ципрас беа изоставени сите свечени активности при дочекот, кои вклучуваат гарда, поставување цвеќиња и интонирање на химната, меѓу другото, и пред Владата за да се добие на време – додаде Бошњаковски.

Видео на денот