Народниот театар од Ниш ќе гостува во Драмски театар-Скопје со претставата „Брод на љубовта“

Најавено е првото гостување на сцената на Драмски театар оваа година од Народниот театар од Ниш, Р. Србија со спектаклот „Брод на љубовта“ по текст на Небојша Ромчевиќ на 12.4.2019 (петок).

По успешната соработка во рамки на меѓународниот фестивал „Театар на крстопат“ кој се одржа од 11 до 19 март, на кој Драмски театар гостуваше со ремек-делото „Фестен“, овој пат тие се домаќини на една голема продукција во која учество имаат и нивни автори.

„Брод на љубовта“, од насловот на истоимената драма, е всушност траектот „Кримхилда“ што крстари на релацијата Либек – Санкт Петребург. Неговите патници се „свињи од истокот“ и „гомна од западот“ – како што ги нарекува авторот – т.е. сексуални печалбари од источноевропските (некогаш комунистичките) земји кои се во потрага по заработувачка и подобар живот, односно Европејци од средниот сталеж кои се во потрага по задоволства, забава и заборав.

Режисер на овој голем проект е Ангелчо Илиевски. Автор на сценографијата е Валентин Светозарев, додека костимографијата е на Марија Пупучевска. Автор на музиката е Боривоје Младеновиќ, а кореограф Небојша Громилиќ.

Бројната актерската екипа е составена од: Марјан Тодоровиќ, Маја Вукојевиќ Цветковиќ, Маја Банковиќ, Јелисавета Караџиќ, Данило Петровиќ, Милош Цветковиќ, Александар Михајловиќ, Душан Матејиќ, Бојан Вељовиќ, Сања Крстовиќ, Дејан Цицмиловиќ, Снежана Петровиќ, Јасминка Хоџиќ, Евгенија Станковиќ, Марко Павловиќ, Стефан Младеновиќ, Драгослав Савиќ и Ивона Стојков.

За прв пат претставата е изведена на сцената на Народниот театар од Ниш на 9.11.2016 година.

Видео на денот