Надал: Јас и Федерер не сме пријатели

Вториот светски тениски рекет Рафаел Надал сосема искрено зборуваше за односот со големиот конкурент Роже Федерер, кон кого има голем респект. Надал и Федерер досега се сретнале 38 пати и поуспешен е Шпанецот кој има 23 победи, додека Федерер има 15 триумфи. Надал поради честите пресметки изјави дека има голем респект кон Швајцарецот, но и дека односот кој го има со него не го смета за пријателство.
– Не би рекол дека тоа е пријателство. Јас и Роже имаме фантастични односи и тоа е тоа. Мојата мотивација не се менува зависно од тоа кој е на другата страна на мрежата – изјави Надал.
Големиот навивач на Реал Мадрид исто така изјави дека и кога ќе се пензионира ќе биде вклучен во тениските случувања.
– Никогаш немав време да размислувам за пензионерските денови бидејќи од 15 година од животот сум професионалец – вели Надал.