Нации, обединете се!

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Нациите денес се потребни обединети како ретко кога досега. И „големите“ и „малите“ мора да сфатат дека од заканите на современиот свет – од пандемијата, миграциите и климатските промени – може да се извлечат само заедно

Советот за безбедност на Обединетите нации не усогласи резолуција за тестирањето севернокорејски ракети. Етиопија протера високи претставници на ОН во време на голема хуманитарна криза. Жртвите што биле сексуално злоупотребени од службеници на СЗО во Конго за време на епидемијата на ебола бараат висока отштета…

Ова се вестите за Обединетите нации во изминатите неколку дена. Маргинални, како и обично. Но, не привлекоа поголемо внимание ни обраќањата на Генералното собрание. Завршија пред само пет дена, а паметите ли, без да се послужите со интернет, што порачал било кој лидер? Немаше силни реакции ни на првото „гостување“ на Бајден во Њујорк, на кое ги повика нациите „да ги здружат силите во борбата со предизвиците клучни за колективната иднина – со пандемијата, климатските промени, трговијата и новите технологии“. Тој всушност ја истакна важноста на Обединетите нации.

На 70-иот роденден на светската организација, репортерот и автор Крис Мекгрил забележа: „ОН спасија милиони животи, го подобрија здравјето и образованието низ светот, но тие се надуени, недемократски и многу скапи“. Крајностите од овој заклучок денес се уште поизразени. Особено по реакцијата на администрацијата на Трамп дека во времето на пандемијата СЗО ѝ е наклонета на Кина, па се закани дека ќе ги повлече САД од оваа организација на ОН.

Америка одамна, благо речено, не негува добри односи со светската организација на која ѝ е домаќин во Њујорк и на која ѝ е главен извор на средства, па им дозволува на Кина и на Русија да ја поразат на „домашен терен“. Пекинг брза да ја пополни празнината, стана втор финансиер на ОН и при секоја криза, особено на тие што не ги допираат директно кинеските интереси, укажува дека решението треба да се бара преку Советот за безбедност на ОН.

Замката е поставена уште при основањето. Советскиот Сојуз прифатил да биде дел од светското семејство само ако сите пет големи „победници“ во Втората светска војна се дел од извршниот Совет за безбедност, кој решава за војната и мирот, и ако имаат право со вето да запрат иницијативи поддржани од другите 14 земји на масата. Правото на вето прерасна во пресметка со кревање прсти, па телото создадено за спречување војни всушност стана инструмент за спречување мир.

Па, ако веќе дејствуваат спротивно на својата цел, дали е конечно дојдено време ОН да се самораспуштат за да им заштедат милиони на големите сили?

Обединетите нации не се само резолуциите и ветата во Советот за безбедност. Не се само Генерални собранија на кои еднаш во годината лидерите пред целиот свет малку говорат за мир и благосостојба, а многу повеќе им се закануваат на своите непријатели. Како Чавез, на кого говорницата му мирисаше на сулфур по говорот на Буш, како Трамп, кој се глупираше нарекувајќи го „ракетар“ севернокорејскиот колега Ким. Како Кастро, одамна, кога говореше со часови или Хрушчов, кој удри со чевелот во маса.

ОН се и придружните организации, агенции и фондации, кои се незаменливи и нужни особено за идните големи глобални предизвици. Иако поради политикантството во кулоарите немала компетентни лидери, Светската здравствена организација е редок инструмент за координирање на националните политики за да се надмине хаосот по проширувањето на пандемијата. Високиот комесаријат за бегалци веќе имаше, а наскоро ќе има и уште поголема улога за соочување на масовните миграции. И, секако, ОН исчекорија најдалеку во борбата против климатските промени, кои се страшна глобална закана, за која не важат граници, нации и владини политики.

Големиот бетонски блок на Ист Ривер со децении бил центар на политички препукувања и надитрувања. ОН никогаш реално ја немале декларираната моќ и со право ги сметале за надминати. Но, денес се потребни како ретко кога досега. И „големите“ и „малите“ мора да прифатат дека од заканите на современиот свет – од пандемијата, миграциите и климатските промени – може да се извлечат само заедно. Ако го направат тој цивилизациски исчекор, можеби, колку и да е неверојатно, можеби ќе ги искористат Обединетите нации и како инструмент за спречување војни, а не за спречување мир.

Видео на денот