На Годишниот конкурс на Министерството за култура за првпат ќе се аплицира електронски

Министерката за култура Ирена Стефоска на прес-конференција објави дека за првпат на Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 година ќе се аплицира електронски.

– Од денеска, 4 октомври, до 6 ноември е рокот за пријавување на Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 година. Рокот за пријавување е продолжен бидејќи од оваа година, за првпат, аплицирањето ќе се одвива електронски. Со тоа, ставаме крај на оние долгогодишни недостоинствени редици пред Министерството за култура – рече министерката за култура Ирена Стефоска на денешната прес-конференција по повод објавувањето на Годишните конкурси на Министерството за култура.

Електронската апликација е направена на колку што е можно поедноставен начин – посочи Стефоска и додаде дека веќе се направени и обуки во Центрите за култура низ повеќе градови и во Скопје.

– Со оваа апликација се забрзува целиот процес – од пријавување до изготвување решение. Да напомнам дека со затворањето и испраќањето на пријавата, секој корисник автоматски добива архивски број на неговата е-адреса. Со тоа се избегнува метежот пред архивата на Министерството за култура, физичкото поднесување на документи и, што е многу важно, времето за евалуација на поднесените пријави се скратува за десетина илјади работни часови или во целиот процес се кратат два месеца поради досегашното рачно заведување на пријавите – рече министерката за култура Стефоска.

Министерката за култура низ бројки ги презентираше придобивките од електронската апликација.

– На последниот конкурс имавме над шест илјади пријави. Секоја поединечно, рачно се заведуваше во архивата. Секоја од тие 6000 пријави рачно се проверуваше дали е комплетна. Потоа, секоја од тие 6000 пријави рачно се проверуваше дали соодветствува на поставените услови по дејност и секоја пријава рачно се внесуваше во компјутер. Така минуваа 60-ина дена само за таа процедура. Сега тоа е минато и е направено во полза, пред сè, на оние што конкурираат. Она што е особено важно е дека електронската апликација ја елиминира можноста за злоупотреба, односно да се менуваат или да се додаваат документи откако е завршено пријавувањето. Со тоа го елиминираме и секој сомнеж за евентуално коруптивно однесување при овој процес – појасни Стефоска.

На веб -страницата на Министерството за култура, покрај електронската апликација, објавени се и општите услови и условите за аплицирање во секоја дејност одделно, а поставено е и видеоупатство за постапката за аплицирање на македонски и на албански јазик. Апликантите, за секоја дилема или проблем при аплицирањето, можат и директно да се обратат на е-адресите на лицата за контакт, како и на телефонските броеви на вработените во Министерството за култура објавени на веб-страницата.

Електронската апликација за Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата е отворена од 4 октомври, од 11 часот, а ќе биде затворена на 6 ноември во 12 часот напладне соопштија од Министерството за култура.

Видео на денот