На денешен ден – 2 октомври

на денешен ден
Фото: Instagram

1187.- Арапскиот војсководец и египетски султан Саладин го презеде Ерусалим од христијаните, со што во 1189 година ја предизвика Третата крстоносна војна.

1452.- Роден е англискиот крал Ричард III, кој владееше од 1483 до 1485 година кога загина во битката кај Босворт во борбата со трупите на Хенри VII, основач на династијата Тудор. Со загинувањето на Ричард заврши „Војната на двете ружи“ – наречена така бидејќи династијата Ланкастер, со кој Хенри VII беше во сродство, на грбот имаше црвена, а династијата Јорк бела ружа.

1608.- Пред Државниот совет во Хаг, холандскиот оптичар Ханс Либертеј го демонстрира првиот употреблив дурбин. Познатиот Галилеј првиот дурбин го употреби кон ѕвезденото небо, а Коперник и Њутон го усовршија толку многу што тој стана незаменлив инструмент во науката.

1836.- Англискиот научник Чарлс Дарвин по петгодишните истражувања на живиот свет во Јужна Америка и на островите на јужен Пацифик  со бродот „Бигл“ вплови во пристаништето Фалмут. Истражувањата значително придонесоа за развој на неговата теорија за еволуцијата.

1847.- Роден е германскиот државник и фелдмаршал Паул фон Хинденбург, во Првата светска војна началник на штабот на германската Врховна команда, а од 1925  до смртта во 1934 година беше претседател на Германија.

1851.- Роден е францускиот маршал Фердинан Фос. Во Првата светска војна командуваше во клучните битки против Германците на Западниот фронт. Под негова команда, во близина на Париз, Германија на 11 ноември 1918 година потпиша капитулација, со што заврши војната.

1852.- Роден е шкотскиот хемичар Вилијам Ремзи, добитник на Нобеловата награда за хемија во 1904 година. Тој ги откри хелиумот, аргонот, криптонот, радонот, неонот и ксенонот. Вилијам Ремзи докажа дека хелиумот се создава при радиоактивното распаѓање на радиумот.

1869.- Роден е Махатма Ганди, познат индиски национален водач, хуманист и политичар кој се бореше за помирување и соработка меѓу Индијците со индуистичка и муслиманска вера. На 30 јануари 1948 година во Делхи бил убиен од еден индуистички фанатик.

1870.- Рим стана главен град на обединета Италија.

1904.- Роден е англискиот писател Грејм Грин, суптилен аналитичар на психата. Дела: романите „Брајтонска карпа“, „Моќ и слава“, „Крај на љубовта“, „Монсињор Кихот“, „Доктор Фишер од Женева“, „Третиот човек“ и други.

1904.- Роден е индискиот државник Лал Бахадур Шастри, премиер на Индија од 1964 до ненадејната смрт во јануари 1966 година, во текот на посетата на СССР.

1924.- Друштвото на народите го усвои Женевскиот протокол за мирно решавање на меѓународните спорови.

1935.- Италија ја нападна Абисинија (Етиопија). Италија користеше најмодерно оружје и  забранети боеви отрови. Етиопија под нејзина окупација остана до 1941 година.

1944.- По 63-дневни тешки борби е задушено востанието на жителите на Варшава, во Полска. Востаниците херојски се бореа, но не можеа да им се спротивстават на многу појаките сили на германскиот окупатор, кои сурово се пресметаа со востаниците. Во востанието загинаа околу 250 илјади жители на Варшава, а самиот град беше речиси разорен.

1958.- Француската западноафриканска колонија Гвинеја се стекна со независност.

1967.- Во Скопје, во салата на ДТВ „Партизан III“, двајцата ентузијасти, пропагатори на боречките спортови – Атанас Којчевски, професор по физичко воспитување и Сејдо Теофиловски, студент, со 117 младинци го одржаа првиот час по карате во Македонија.

1973.- Умре финскиот тркач Паво Нурми, кој на долги патеки освои девет златни медалји на Олимписките игри  во 1920, 1924 и во 1928 година. Светскиот рекорд го собори дури 29 пати.

1985.- Во својата вила во Беверли Хилс, Лос Анџелес, САД, умре Рок Хадсон, еден од најпознатите и најпродуктивните американски артисти по Втората светска војна. Роден е во државата Илинис, на 17 ноември 1925 година.

1990.- На аеродромот во кинескиот град Гуангџои загинаа 127 луѓе кога киднапиран кинески авион удри во два авиони кои беа на аеродромската писта.

1992.- Во Рим, пред италијанскиот Парламент познат под името Монтециторио се одржаа протестни манифестации во полза на признавањето на Република Македонија.

1994.- Во Пробиштип е осветена новоизградената црква „Пресвета Богородица“.

1996.- Поранешниот бугарски премиер Андреј Луканов е усмртен со огнено оружје пред својата куќа во Софија.

1998.- Жан Пол Акајес, бивш мајор на армијата на Руанда, обвинет за геноцид и злосторство врз човештвото, во Хаг е осуден на три доживотни казни.

2000.- Во Скопје умре Александар Ивановски, македонски новинар, еден од основачите на весникот „Вечер“. Роден е во Скопје, на 21 февруари 1937 година.

2006.- Успешно се спушти на земја првата вселенска туристка Ануша Ансари, Американка од иранско потекло. И покрај малите проблеми во текот на првиот ден од летот, таа успешно и во потполност ги изведе сите научни експерименти при престојот во Меѓународната вселенска станица. Родена е во Техеран 1967 година, а емигрира во САД во 1984 година. Престојот во вселената ја чинеше 20 милини долари.

2007.- Во пожар на Московскиот факултет за државен корпоративен менаџмент загинаа девет, а повредени беа 51 лице од кои 18 тешко. Меѓу загинатите и повредените повеќето беа студенти и професори на овој факултет. Во пожарот во целост изгореа четвртиот, последен кат, и дел од третиот.

Видео на денот