Музиколозите Јулијана Папазова и Елени Новаковска објавија стручна хронологија на македонската поп-музика

Авторките и музиколози Јулијана Папазова и Елени Новаковска ја објавија книгата „Историја на македонската популарна музика“. Издавач на книгата се самите авторки, а изданието е поддржано од Министерство за култура.

Монографијата „Историја на македонската популарна музика“ е посветена на хронолошко претставување на развојот на македонската популарна музика, која се реализира на територијата на Македонија од почетокот на 20 век до денес. Содржината е поделена на три глави: првата глава е вовед во која е опфатен периодот до 1944 година; во втората глава е опфатен периодот на СФРЈ од 1945 до 1991 година и во третата глава е опфатен периодот на независноста од 1991 г. до денес.

Во содржината се застапени неколку теми: хронологија и анализа на повеќе музички жанрови (рок, џез, поп, хип-хоп, хеви-метал, инди, техно…), хронологија на групи, музичари, фестивали и институции кои се важни за развојот на популарната музика: Биг-бендот или Танцовиот оркестар на РТС и композиторите и пејачите што соработувале со овој оркестар, како и групите „Бис-Без“, „Леб и сол“, „Меморија“, „Мизар“, „Бастион“, „Анастасија“, „Архангел“, „Санаториум“, С.А.Ф, Тоше Проески, „Сет“, „Бернајс пропаганда“, Скопски фестивал, „Таксират фестивал“ и многу други.

Како додаток на целокупната содржина е издвоена кратка историја на застапеноста на популарната музика во македонскиот филм од 60-тите години до денес.

Примарната цел на оваа книга е да биде користена, пред сè, како прирачник од учениците и студентите во стручните музички училишта и факултети. Истовремено е достапна за сите љубители и креатори на македонската популарна музика.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 99, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 октомври 2021)

Видео на денот