Музичка сцена: Групата „Код 369“ го објави синглот „Остани до крај“

Првиот музички запис „Остани до крај“ на групата „Код 369“ ги открива музичките планови на еден старо-нов состав од Битола. Групата „Код 369“ е формирана во 2020 година и практично претставува продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на групата „Памперс“ (Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски).

Во музиката на „Код 369“ се внесени нови музички моменти на фанк, џез и класични инструментализации кои проткајуваат во препознатливата рок-основа и влијанија на современата музика од доменот на поп и рок. Бендот е во состав Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Коста Стеваноски (бас гитара, клавијатури).

Сега нивната музичка мисла се наоѓа на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп музика, задржувајќи ја свежината, слободата и авангардните идеи на првата категорија и прифатливоста на втората. Во нивните текстови може да се препознаат универзалните човекови и книжевни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на индивидуата како двигател кон своето најдобро јас.

Нивниот прв сингл „Остани до крај“, кој истовремено е амбиентален и подвижен, искажувајќи ги турбуленциите на емоциите, е најава на првиот албум „Stages of Love“, кој го создадоа и снимија како „Код 369“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 86, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 јуни 2021)

Видео на денот