Модерни времиња, стари пропаганди

кица колбе
Кица Колбе. / Фото: Архива на Слободен печат

Зошто луѓето денес толку лесно паѓаат во замките на теориите на заговор или на популистичките и антидемократските идеологии?

Технолошките пронајдоци често им се причинувале на луѓето како магични направи. Така нашите предци би го доживеале звучниот сигнал за испратената имејл-порака, кога таа „полетува“ во невидливата дигитална сфера. Само пред половина век ќе беше научна фантастика да имате Киндл и во него сите дела на Гете и Шилер. Да ги носевте од библиотека дома, ќе ви требаше куфер, а вака ги носите во џебот. Интернетот навистина ја промени нашата перцепција на реалноста.

При првата еуфорија за модерната дигитална технологија, беа малкумина тие што човекот во мрежата си го замислуваа по урнекот на Чарли Чаплин, стиснат во запчениците и шрафовите на машините од неговиот прочуен филм „Модерни времиња“. Затоа што интернетот за човечката фантазија е тешко замислив како старите машини, иако искушенијата се исти. Машините и технологијата може да му служат, но и да го поробат човекот.
Што значи, богатството од информации може да просвети, но и да манипулира. Истражувањата покажуваат дека, како сите технолошки достигнувања, и интернетот е алатка со амбивалентна примена. Сè зависи од тоа кој и за која цел ја ползува. Тоа значи, вечната морална дилема за фаустовскиот стремеж на човекот никогаш нема да застари.

Во деведесеттите немаше никој да верува дека еден ден интернетот нема да биде само поле за популаризација на уметноста и културата, туку и опасен расадник за теории на заговор. Затоа што тогаш сите се восхитувавме на можноста само со едно кликнување да можеме виртуелно да се „шетаме“ низ светските музеи. Меѓутоа, уште од времето на печатените медиуми беше јасно дека тој што ја има контролата врз информациите, ја има и контролата врз умовите. Модерната комуникација информира, но често и инфантилизира. Како што беше и со поранешните средства за информирање, сè зависи од степенот на образованоста и критичката информираност на корисникот. Од тоа дали тој информациите ги споредува и ги проверува или некритички ги „голта“. Во зависност од тоа кои центри на моќ ги шират теориите на заговор и лажните вести, глобалната мрежа околу нас може лесно да „заглупува и затапува“, да фанатизира и радикализира.

Замките на теориите на заговор

Најновата студија врз основа на една анкета спроведена од германската фондација „Фридрих Еберт“, покажа дека само 55% од анкетираните репрезентативно избрани германски граѓани во 2022-23 имаат доверба во државните институции. Од нив 39,1% се уверени дека обичните луѓе немаат влијание врз работата на владите. Авторите на истражувањето сметаат дека тоа чувство на немоќ на обичните граѓани им го сугерираат популистичките партии, со тоа што ги уверуваат дека тие се жртва на моќта на политичарите. Со тоа тие, всушност, само ги кондиционираат да ги прифатат нивните теории на заговор и нивната популистичка политика.

Анкетата покажа дека паролата на теориите на заговор од времето на пандемијата, со која се тврдеше дека луѓето биле беспомошни жртви на политичарите кои, пак, самите биле марионети на сили што стоеле зад пандемијата, денес кај многу луѓе станала лично уверување. Што значи, лажната вест или пропаганда треба доволно долго „да се врти во мрежата“ за да се прифати како „вистинита“. Огромното мноштво на проблематични информации што се шират со интернетот делува на истиот начин како и старите пропаганди за масовна психологија. Клучната разлика е во тоа што глобалната димензија на интернетот денес допира до многу поголем број луѓе и во многу кусо време, за што сведочи пандемијата.

Зошто луѓето толку лесно паѓаат во замките на теориите на заговор или на популистичките и антидемократските идеологии? Затоа што човечките претстави за светот не се менуваат со толкава брзина како онаа на модерната комуникација. Емотивната слика за светот на просечните граѓани и денес е фрагментарна, обликувана од традиционални обичаи, полувистини, предрасуди, суеверие и стереотипи. Токму затоа тие им подлегнуваат на теориите на заговор, затоа што тие нудат црно-бела слика, попримитивна и од онаа во бајките.

Освен тоа, интернетот го создаде осамениот „сурфач“ во океанот на интернетот. Тој е како Лајбницовата „монада без прозорци“, но која, трагично, има само еден „прозорец без видик“ – дисплејот или мониторот. Сликата за светот која му се сугерира низ тој прозорец тој ја смета за „вистинита“ затоа што таа не му го објаснува светот, туку му ги потврдува неговите предрасуди и полувистини.Тие најчесто се плод на лични искуства, нејасни претстави, фантазии и стравови. Во неа секогаш е полесно да се создаде „непријател“ од тоа што нè плаши.

 Ист рецепт, поинакво брашно

Поранешните граѓани на авторитарните режими како Советскиот Сојуз, бившиот Варшавски пакт или ДДР, имаа само еден симбол за слободата – Западот. Кога пропадна социјализмот, кога помина првата еуфорија затоа што патот кон Западот им беше отворен, тие полека почнаа да ја култивираат носталгијата по тоа што го оставија зад себе – авторитарните режими. Всушност, нема слободни личности без слободни умови, зашто само еманципираната личност е навистина слободна. Таа е одговорна за своите постапки и мислења.

Симпатизерите на теориите на заговор и на пропагандите се чувствуваат заштитени само кога одговорноста ја предаваат на некоја идеализирана инстанца со симболично значење – на водачот, на народот, на нацијата. Така парадоксот на нашето модерно време е фактот што најмодерната технологија, која во глобалниот свет понекогаш се однесува како да е ослободена од секакви етички регулативи, ги шири најпримитивните стари пропаганди на кои, за жал, многумина и денес им веруваат.

Шемата на тие пропаганди е иста како што беше и во дваесеттиот век – „демонизирање“ на различното. Западот кој некогаш за советските Руси или за источните Германци беше симболот за слободата, затоа што значеше фармерки и Битлси, Кафка и Хичкок, Бекет и Бојс, слобода на говор и патување, денес од современите руски политичари и црковни великодостојници е претворен во „симбол на злото“. Проблемот, притоа, не е во политичарите и во црковните великодостојници. Проблемот е во оние што сонуваа за Западот само кусо време и многу брзо ја заменија слободата со желбата пак да бидат пропагандистички „водени“ од цврстата рака на авторитарните политичари. Затоа што, всушност, уште се чувствуваат како „робови“ и се плашат од слободата.

Достоевски го опиша искушението на слободата во „Повеста за великиот инквизитор“ во „Браќа Карамазови“. Во разговорот на владиката со Христос тој му вели дека згрешил кога бил искушуван од злиот дух во пустината. Кога овој му рекол да ги претвори камењата во леб, Христос одбил, одговарајќи дека човекот не живее само од лебот, туку и од Словото Божје. Ние, му вели владиката,  ги претвораме за луѓето камењата во леб и затоа тие ни веруваат. „Лебот“ може да биде и виртуелната пропаганда, која не ја препознаваме како старата пропаганда, затоа што ни се чини дека овој леб има модерен вкус. За жал, рецептот е ист, оној исконскиот. Само брашното е од нов тип.

Дојче Веле

(Авторката е филозофина и македонска и германска писателка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот