Милионскиот минус ги брка ракометарите од Вардар

Македонската ракометна гордост, Вардар минатата календарска година ја заврши со загуба, потврдуваат документите објавени на Македонската берза. Според документите од Македонска берза, Акционерското друштво Ракометен клуб Вардар, во 2018 година остварило приходи од 307.035.893 денари, но пред редовното одданочување, регистрирана е загуба која изнесува 74.317.934 денари, или околу 1.2 милиони евра.
Според финансиските податоци, нето-готовинските текови на 31 декември, 2018 година, изнесуваат 1.004.984 денари. Изминатата календарска година акциите на Вардар не претрпеле промени и не се забележани промени на сопственичката структура над 10%. Истовремено, нема ниту статусни промени, како ни промени во органите за управување.
Од приложените документи станува појасно зашто голем дел од ракометарите го напуштија Вардар на чело со тренерот и екс македонски селектор Раул Гонзалез, а за лето се најавени уште неколку заминувања.
Сепак, и покрај лошата финансиска состојба во „црвено-црниот“ табор, тимот игра одлично сезонава и се наоѓа пред нов, трет пласман на завршниот Фајналфор турнир во Лигата на шампионите. Последна препрека пред нов настап во Келн за ракометарите е унгарскиот ПИК Сегед.