Македонија во финале, играчите на Лазаров на пенали ја совладаа Швајцарија

Кадетите во финалето ќе играат со Полска/Фото: facebook.com/rfmofficial

Денеска во полуфиналето на ЕХФ шампионатот во Скопје во салата „Борис Трајковски“ македонската кадетска репрезентација триумфираше над Швајцарија со вкупно 34:33 по изведувањето на пеналите.

Противникот во првите 14 минути контролираше минимално водство од 2:1, 3:2, 4:3, а при 7:6 Играчите предводени од Кирил Лазаров направија серија од 4:0.

Нашите ракометни надежи постепено ја одржуваа позитивата од три голови разлика од 11:8, 14:11, 17:14, а при 22:19 во 44 минута, падна ритамот на играта и тоа го искористи Швајцарија за серија од 5:2 и минимална предност на шест минути до крајот на средбата.

До крајот на мечот двата тима се менуваа во водство, по регуларните 60 минути на семафорот застана 28:28. Не се играа продолженија, туку веднаш пеналите го одлучија финалистот.

Немаше победник по првата серија на пенали (3:3), а во втората серија при 5:5 Галевски запре седмерец (севкупно трет одбранет), а клучниот погодок го реализираше Митев за 6:5 или конечни 34:33 и голема радост на македонските ракометари.

Во големото финале нашата репрезентација ќе игра против Полска која претходно убедливо славеше против Босна и Херцеговина со 41:29.

Веќе еднаш славевме против Полјаците, во групната фаза бевме подобри со 30:25, да се надеваме дека победнички ќе биде и во завршната битка за трофејот. Финалето ќе се одигра во недела со почеток во 18.00 часот.

Видео на денот