Македонија системски ги потценува своите спортисти

Срѓан Ивановиќ

Македонија е земја на спортисти со врвни достигнувања, но и натаму спортските борилишта не ги носат нивните имиња. Затоа и одлуката арената „Филип Втори” да се преименува во стадион „Тоше Проески” предизвика бура од реакции кај спортистите, спортските работници, но и кај граѓаните.

Двете најголеми сали во Скопје ги носат имињата на „Борис Трајковски” и „Јане Сандански”, а ниту еден друг спортски објект во главниот град не е именуван по спортист. Истото важи и за позначајните спортски борилишта во другите градови од земјата. Затоа констатацијата што деновиве нашироко се коментира, за тоа дека спортистите во Македонија се системски потценувани, може да се земе како точна.

– Одлуката е катастрофална, бидејќи на спортските фанови ликот и делото на Тоше Проески ќе им се одмили, а нашата музичка легенда тоа секако не го заслужува. Доколку некој мене ме прашаше за мислење за тоа како треба да се вика нашиот најголем стадион, ќе го предложев името на Кирил Симоновски – Џина. Секако дека предвид можеше да биде земен и голманот Благоја Видиниќ, кој е освојувач на две сребрени медали од Олимписки игри и Европско првенство. Може да се размислува и стадионот да го носи името на атлетичарот Лазо Милошевски, кој на тоа место го постави државниот рекорд на 400 метри, кој не беше соборен повеќе од 20 години – вели легендата на македонското спортско новинарство Зоран Михајлов.

За тоа дека стадионот во Скопје треба да го носи името на Кирил Симоновски, првиот капитен на селекцијата на повоена Југославија, во неколку наврати во своите колумни објавувани во „Слободен печат”, пишуваше и Атанас Костовски, уште едно легендарно име на спортското новинарство.

– Спортистите се потценети во нашата земја, а тоа најдобро се гледа по имињата на спортските борилишта. Кирил Симоновски Џина го замени фудбалскиот дрес со војничкиот и се бореше за слободата на нашата земја. Тој е воедно втемелувач на модерниот македонски фудбал. Мислам дека нациите треба да ги слават хероите во секоја област – наведува Костовски, кој за виновни по ова прашање ги смета и луѓето од Фудбалската федерација на Македонија, кои не се изјаснија кога беше наметнато името „Филип Втори”, а ги нема со свој став ниту сега.

Од навивачката група на „Комити”, со посредство на социјалните мрежи е порачано дека тие и натаму во својата комуникација ќе го користат оригиналното име на објектот – „Градски стадион – Скопје”.

Видео на денот