Листата на чекање сѐ подолга: Речиси осум илјади луѓе сакаат да патуваат во вселената

Компанијата за вселенски туризам, „Virgin Galactic“, која своите први клиенти планира да ги испрати во вселената до летото 2020 година, најави дека поради големата побарувачка во продажба ќе пушти уште карти, и двојно го зголеми бројот на резервации во однос на септември 2019 година. Сега на листата за чекање има 7.957 заинтересирани, пишува порталот „Сибиз“.
Цените и датумот за следното лето не се познати, но картите за првиот комерцијален лет се распродадени. Засега компанијата резервираше 603 фиксни резервации од 60 земји во светот, по цена од дури 250.000 долари, но „Virgin Galactic“ и понатаму ги прима барањата од заинтересираните авантуристи.
Затоа во среда во продажба ќе бидат пуштени нова серија на карти, а Би-Би-Си пишува дека компанијата истовремено започнала квалификациски програм наречен „One Small Step“ (Еден мал чекор), за кој е потребно да се плати депозит во износ од илјада долари.
Вестите се објавени откако е соопштено дека компанијата во минатото тромесечие забележала губиток од 73 милиони долари.
Меѓу познатите луѓе кои веќе имаат купено карти се пејачот Џастин Бибер и глумецот Леонардо Ди Каприо, а и сопственикот на „Virgin Galactic“, сер Ричард Бренсон рече дека има намера да им се придружи на патниците на првиот комерцијален лет.