Летонија мора да се почитува, но победата е императив

Македонската фудбалска репрезентација утре ќе го започне настапот во новиот квалификациски циклус, овој пат за пласман на наредното Европско првенство.

Првиот противник е селекцијата на Летонија, која според формата и рејтингот е аутсајдер во однос на националниот состав на Македонија. Сепак, селекторот Игор Ангеловски предупредува дека противникот воопшто не е наивен и дека не смее да се потцени.

– Нè чекаат нови квалификации. Како што реков, верувам во овие момчиња со кои е чест да се работи и сигурен сум дека ќе имаме успешен старт против Летонија која е навистина цврста селекција, тежок противник. Во овие квалификации нè чекаат потешки противници споредено со Лигата на нации, но подготвени сме за секој противник. Веќе го знам и составот со кој ќе настапиме против Летонија, сите 11, но тоа ќе им го соопштам на фудбалерите пред дуелот – изјави Ангеловски.

Селекторот додаде и дека во претстојните натпревари од квалификациите тој нема намера да менува ништо битно во тактиката, туку ќе продолжи да го применува офанзивниот стил.

– Остануваме на досегашниот пристап, офанзивно на секој меч. Убеден сум дека доколку фудбалерите одиграат во рамките на своите можности, без поголеми проблеми ќе стигнеме до победата против Летонија – вели селекторот на националниот фудбалски тим.

За капитенот Горан Пандев дуелот со Летонија ќе биде стоти во неговата репрезентативна кариера. Тој се надева дека јубилејот ќе го прослави со победа.

– Среќен сум што стигнав до бројката од 100 натпревари, но тоа е само во втор план. Мојата желба е да почнеме со победа во квалификациите, тоа е најважно и тоа ќе ми биде вистински подарок за јубилејот. Очекувам и поддршка од трибините, ги повикувам навивачите да бидат со нас затоа што мислам дека во изминативе години со игрите ја вративме довербата во фудбалот. Се надевам и дека ќе има гол како заокружување на јубилејот, но пак ќе кажам дека најважно е да победиме, а не кој ќе даде гол. Ако се осврнам наназад, секој натпревар во националниот дрес ми бил важен и драг. Сега моја најголема желба е да се пласираме на ЕП. Тоа ќе биде остварување на сонот – вели Пандев.

Дуелот Македонија – Летонија се игра утре со почеток во 20.45 часот, а ќе се одигра на арената „Филип Втори” во Скопје.

Видео на денот