Коскаров на самитот „Форбс под 30“ во Тел Авив

Со традиционално отворање на берзата во Тел Авив започна годинешниот „Форбс под 30“ самит посветен на женското претприемништво. Со над 300 гости учесници кои се најдоа на престижната листа „30 под 30“ самитот ќе трае од 4 до19 април, а учесниците ќе се преселат од Тел Авив во Ерусалим по завршувањето на утрешниот ден.

Темата на Самитот е „ Инспирација и иновација‟ , а во контекст на тоа, Бојан Коскаров од Creative Hub кој воедно и се најде на листата на „Форбс“ оваа година, сподели со нас дел од заклучоците од првиот ден.

„Инспиративна беше да се слушне приказната на Тензин Шелдон, која е основач на апликацијата Кинстеп. Тензин има интересна животна приказна како бегалка од Тибет, до консултант на Обединети Нации, а денес живее и работи во Силиконската Долина и им помага на бегалците да најдат чесна работа. Нејзината апликација Кинстеп ги поврзува бегалците со добри работни позиции. Таа истакна дека 90 отсто од бегалците работат нископлатени работи, самата познава голем број физичари и научници кои се приморани да чистат маси, да рециклираат ѓубре или да работат во кујна само за да преживеат. На бегалците не им треба сочуство, им треба можност. ‟

Пред почетокот на самитот, дел од учесниците беа поканети да ја посетат најголемата компанија за рециклирање и создавање на пластични шишиња SodaStream, каде работат лица маргинализирани од општеството, лица кои не биле во можност да имаат добро образование или пак се социјални случаи.

Учесниците на Самитот овојпат се најдоа во улога на ментори на овие лица, токму да им пренесат дел од своето искуство, но и да ги мотивираат за можностите во животот.

Покрај женското претприемништво, голем дел зборуваат и за користењето на пи-арот и губењето на автентичноста. Во контекст на тоа Стевен Бертони, заменик претседател на Форбс Медиа, го издвои следното:

„Како да пренесете автентичност во работењето? Најпрво слушајте ги вашите клиенти. Потоа вработете, тренирајте ги и развијте ги сите вработени. Земете ги најдобрите лица за продажба, бидејќи кога некој ќе дојде во продавница навистина сака да биде слушнат и опслужен. Ако работите во медиумска компанија, направете разлика од пи-ар до приказна. Платен пи-ар никогаш не може да ја замени автентичноста на добра и искрена приказна. Ако сте ЦЕО бидете оригинални и успехот ќе дојде. Не манипулирајте со пи-ар приказни‟.

По исцрпниот ден настанот ќе продолжи со целовечерна забава во еден од клубовите во Тел Авив.

Видео на денот