Кој град е ова, госпоѓо Арсовска Çfarë qyteti është kjo zonja Arsovska

Данела Арсовска

За кој град во пораката од билбордот велите, модерен и европски град, госпоѓо Арсовска, за Скопје?
Но зад вашиот насмеан лик на постерот, не се гледа ништо освен – види небо…!
Нема ништо препознатливо од „наше Скопје“, за кое говорите, ниту во наменски подотвениот рекламен видео спот за изборите.
Во него се залагате за модерно Скопје кое, како што велите „светски архитекти го обликувале како модерен град“.
Така е госпоѓо Арсовска, но тоа Скопје за кое говорите, вашиот партиски подржувач ВМРО-ДПМНЕ го пеплоса, му ја соблече кожата и му стави ново (квази) барокно руво. На светските архитекти, кои за фасадите на зградите добија реномирани светски награди и признанија, им ги скина дипломите и новиот лик на Скопје им го довери на градежни аматери.

Архитектонското ругло од стиропор не го спомнувате. Останува нејасно дали се срамите од него, или нарачателот не сака да се споменува.

Наместо „тоа“ Скопје, во спотот пуштате инсерти од Прага, како пример за модерен град. Дали вие таков модерен го замислувате Скопје? Но, треба да знаете дека Прага е најбарокниот град во Европа госпоѓо Арсовска, од кого веројатно и Никола Груевски се инспирирал кога го почнувал проектот „Скопје 2014“.

Но, да не брзаме. Можеби вашата намера е друга. Можеби вие со видео сторијата им нудите на ВМРО-ДПМНЕ некое друго Скопје, за кое тие не се свесни!
Затоа што вие госпоѓо Арсовска, во вашето рекламно видео го збришавте целиот „Барок“ од лицето на градот и капиталниот проект „Скопје 2014“ на ВМРО-ДПМНЕ, за само триесет секунди. Гордоста на Груевски и значителен број скопјани, ја отстранивте побргу од СДСМ и Љубомир Фрчковски заедно. И за тоа заслужувате пофалби, секако.

Но народот е сега збунет, дали зад овие промени стоите вие како независен кандидат, со кој ВМРО-ДПМНЕ нема никаква врска, или се работи за нешто поголемо.

Би била чудна таква храброст, со која Данела Арсовска влегува во кампања за градоначалник на Скопје, во која се избегнува секој кадар во кој може да има фрагмент од „Скопје 2014“, и кампања во која се користи двојазичност на билбордите и веб страната.

Тоа секако не е можно без консултација со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, затоа што оваа партија е и нарачател на кампањата на Арсовска, а и финансиски ја покрива.

Па оттаму и логично е прашањето, дали Данела Арсовска е новиот лик со кој започнуваат реформите во атарот на ВМРО-ДПМНЕ?

Какви се тоа нови ветришта во идеологијата на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, штом решиле токму преку Данела Арсовска да ја реформираат и ребрендираат оваа традиционално демохристијанска партија, во една модерна партија, со социјал-демократски перформанси.

Тоа секако е за поздравување, само што не мораше да помине низ толку турбуленции и дубиози, се од страв дека тоа нема да му се допадне на членството.

Инаку, веројатно не им било лесно на водачите на ова ВМРО да се трансформираат и да прескокнат преку „Тиранската платформа“ со која атакуваа на „едно општество за сите“ на Зоран Заев, за да дојдат до „Македонија за сите луѓе“.
Од партија без коалициски капацитет, кога станува збор за соработка со партиите на Албанците, до партија која влегла во предизборна коалција со Алијанса на Албанците на Зијадин Села и Алтернатива на Африм Гаши. Од беспогорни подржувачи, да го посипат со пепел барокното наследство од Никола Груевски и да говорат за модерно Скопје.

Со овој потег Христиан Мицковски како да сака да се збогува со Никола Груевски, како што своевремено се разделија Никола и Љубчо, како и Зоран и Бранко.

Но сега подржувачите на оваа партија ќе мора да се одлучат зад кого како личност и зад чија идеологија ќе застанат во наредниот период.
Ообично се застанува зад победникот на изборите.
На Мицковски од многуте загубени, му остана уште оваа битка.

Видео на денот