Книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами ја става историјата на словенските јазици на дланка

Промоција на книгата „Вовед во славистиката“ во КИЦ-Скопје

Промоцијата на книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами се одржа на 25 јануари во Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје. Промотори на книгата беа проф. д-р Красимира Илиевска и проф. д-р Димитар Пандев, а модератор на промоцијата беше проф. д-р Мишел Павловски. Книгата е издание на „Ми-Ан“.

Книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами е прва ваква книга во нашата земја, а која се занимава главно со историјата на словенските јазици. Во неа е даден кус историски осврт на славистиката како наука, по што се дава и куса историја на Словените.

– Монографијата на д-р Емил Ниами претставува труд којшто многу одамна требаше да биде обработен за да стане достапен за голем број слависти, културолози, историчари и истражувачи од различни профили, но и ученици и студенти кои се занимаваат со славистиката или се интересираат за нашето минато и местото на македонскиот јазик во големото семејство на словенски јазици. Во светски рамки – славистиката е една од науките која е мошне привлечна за изучување, како од јазичен, така и од историски и културолошки аспект – истакна проф. д-р Красимира Илиевска.

Фокусот на книгата е ставен на описот на сите словенски јазици, како на живите, така и на мртвите, и тоа е направено на еден современ начин со многу полезни детали што се важни во современоста. Во книгата, исто така, има и дел којшто се занимава со обидите за создавање на сесловенски јазик од минатото до денешен ден.

– Најновото дело на Емил Ниами слободно можеме да го поставиме во пресекот на дихотомијата: информативна експлозија – информативна блокада. Притоа ја имаме предвид медиумската писменост, но уште повеќе духот на времето кога славистиката се екипирала на меѓународен план, а тоа е и времето на целиот свет како глобално село (Маршал Мак Луан), во кое дејствува седмата сила, што секако не е без аналогија со Рациновата замисла „куќа – цел свет ми е“. Овој Рацинов стих не е без поткрепа на сите револуционерни идеи што го опфатиле светот, особено Европа, од крајот на 18 век до денес, во тој контекст безрезервно, па и најсеопфатно Македонија и другите словенски земји. Имено, од панславистичките идеи (Јозеф Хердер) преку анархистичките до транзициските и плуралистичките. И сите тие на соодветен начин се застапени во оваа книга – рече промоторот проф. д-р Димитар Пандев.

Со оглед на тоа што ова е прв ваков труд на македонски јазик, оваа книга може да биде од корист на широка читателска публика – на сите оние што се заинтересирани за словенските јазици, филолози, слависти, како и културолози, етнолози, историчари и слично, но и ученици, студенти, слависти итн.

– Голема чест, но и обврска е што оваа книга се издава во едицијата „(С)Мисла“ на Книгоиздателството„Ми-Ан“, во која досега се објавени голем број сериозни научни трудови. Токму затоа му се заблагодарувам на првиот човек на Книгоиздателството, проф. д-р Мишел Павловски, за довербата што ја имаше кон мене при прифаќањето на оваа книга. Мислам дека кај нас во Македонија е потребно едно вакво четиво и затоа го осмислив на тој начин да биде достапно за сите, да не биде длабоко научно, туку лесно и јасно да може да се допре до содржината на книгата – рече Емил Ниами на промоцијата на книгата.

На промоцијата Емил Ниами се заблагодари и на промоторите проф. д-р Красимира Илиевска, која била негов ментор на магистерската и докторската теза со кои се гордее, и на проф. д-р Димитар Пандев, кој е негов професор од додипломските студии, а благодарност упати и до Бобан Карапејовски, кој како лектор будно бдеел врз секој збор во книгата.

Емил Ниами е доктор на филолошки науки (Скопје, 1977). Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и на американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2007 година го одбранил магистерскиот труд „Паронимите во македонскиот и во рускиот јазик“, а во 2010 година докторската дисертација „Антонимите во рускиот и во македонскиот јазик“.

До 2007 година работел во А1 Телевизија на различни позиции. Од 2007 до 2011 година предавал македонски јазик на МДУ „М.В. Ломоносов“. Автор е на првиот „Речник на паронимите во македонскиот јазик“ (2020), првиот „Речник на антонимите во македонскиот јазик“ (2021) и на првиот „Речник на хомонимите во македонскиот јазик“ (2022), а исто така е и автор и главен редактор на првиот „Речник на медиумската писменост“. Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 215, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот