Издавачката куќа „Или-Или“ ја објави збирката раскази „Млечни заби“ на Хана Корнети

Издавачката куќа „Или-Или“ ја објави првата книга на младата писателка Хана Корнети, збирката раскази „Млечни заби“. Книгата е објавена како 197-мо издание во едицијата „ПРОаЗА“. Дизајнот на корицата е на Бојан Сенковски.

Збирката раскази „Млечни заби“ е книжевно млечно запче на Хана Корнети. Иако збирката содржи и истоимен расказ, насловот на некој начин ги опфаќа темите на десетте раскази – слатките и неслатки маки при растењето, како што се бледнеењето на детството, кревката вечност на пријателствата, безначајните соништа и поучните кошмари, смртта на блиските, своеволието на книжевните ликови и првите симпатии. Секој чин е дел од неговиот создавач, па така и оваа книга е отцепено делче од Хана, посочуваат од „Или-Или“.

Хана Корнети (1992, Скопје) паралелно дипломирала Философија и Историја на ОДТУ, Анкара, а магистрирала Културолошки студии на универзитетот Сабанџи, Истанбул. И Македонија и Турција ѝ се дома. Има напишано награден расказ (од „Нова Македонија“) и наградена пиеса (од Здружението на драмски писатели и сценаристи), додека неколку нејзини раскази се издадени во меѓународни електронски списанија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 99, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 октомври 2021)

Видео на денот