Италија: Градоначалник кој им помагаше на мигрантите осуден на 13 години затвор

Поранешен градоначалник од Италија, кој ја ревитализира неговата заедница со прифаќање и интегрирање на мигранти, е осуден на 13 години затвор за помагање на илегалната миграција и за „неправилности“ во менаџирањето со барателите на азил, пишува Гардијан.
63-годишниот Доменико Лукано, познат меѓу жителите на гратчето Риаче во Калабрија по прекарот Мимо, беше во куќен притвор од 2018 година, кога го уапсија поради помагање на мигрантите, проневера и измама.
Според судот, Лукано го наместил тендерот за собирање на сметот во градот, доделувајќи им го на две компании кои биле основани за да им помагаат на мигрантите да најдат работа.
За време на неговиот мандат, Лукано, инаку поранешен учител, го прослави неговиот град, а моделот на интеграција на мигрантите добиваше пофалби од целиот свет. Во 2016 година, градоначалникот беше избран меѓу 50-те светски лидери на листата на списанието „Форчун“. Околу 500 мигранти се населија во Риаче, место со околу 2.000 жители, што помогна да се спречи затворањето на локалното училиште.
Пресудата против поранешниот градски татко доаѓа една недела откако министерот за внатрешни работи на Италија, екстремниот десничар Матео Салвини, објави серија нови мерки против нелегалната миграција, кои вклучуваат масовно кратење на државните фондови за прием и интеграција на мигрантите.
Минатата недела, емисија на државната телевизија РАИ беше прекината откако прикажа репортажа за Риаче.