Интервју со академик Влада Урошевиќ: Поетот некогаш бил оној што ги поседува сите знаења

Влада Урошевиќ / Приватна архива

Издавачката куќа „Готен“, во соработка со МАНУ, ја објави книгата „Виола арсеника“ од Влада Урошевиќ, во која на фрагментарен и концизен начин се дадени согледувањата на тоа што за авторот претставува поезијата, нејзините преокупации, цели, суштински карактеристики, како и нејзината иднина во времето кое сè повеќе ја маргинализира.

Книгата „Виола арсеника“ со поднаслов „Белешки за поезијата“ на поетот, писател и есеист Влада Урошевиќ содржи 60 кратки текстови пишувани по разни поводи поделени во два дела, проследени со исклучителни илустрации, а помеѓу се вклучени ликовен и фотоесеј.

На прв поглед книгата е „спакувана“ како „автопоетичко резиме на ставовите за поезијата“ во мало, односно со малку зборови да се каже многу за поезијата и за сопствените поетски искуства. Пошироката панорама на содржината на објавените текстови открива мисли, ставови, стари ракописи и новински исечоци што се таложеле речиси седумдесет години. Некогашниот уредник на редакцијата за култура на Телевизија Скопје, професорот по општа и компаративна литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, поранешниот уредник на списанието „Разгледи“, но и благороден соговорник, елоквентен книжевен критичар и длабокоумен преведувач и творец, Влада Урошевиќ, во книгата успева со стари текстови да пренесе нови пораки.

Од кои длабочини извираше поривот да се направи книгата „Виола арсеника“?

– Во еден миг ми се стори дека би било интересно да ги соберам белешките што сум ги правел во текот на седумдесет години на моето дружење со поезијата. И тие мои искажувања, делови од различни написи, енциклопедиски одредници, настапи по симпозиуми, одговори на интервјуа, записи, придружено со по некој цитат, сето тоа почна да излегува од темницата на фиоките, од старите ракописи, од сочуваните новински исечоци. Не сум некој тип што внимателно ја чува документацијата за својот книжевен пат, но сепак, некои нешта успеав да ги најдам. Не сѐ – тогаш книгата би била сигурно двојно поголема. Тоа што го направив е книга-пачворк, книга-колаж. Можеби, книга-гаџет. Книга што може да почне да се чита каде и да ја отворите. Го собрав на едно место она што би можело да го наречам – искуство што сум го стекнал. Не сум направил учебник – не мислам дека можам да научам некого како се пишува поезија. Едноставно – сакав да направам книга во која некој кој сака да дознае како се раѓаат стиховите може да најде интересни одговори. Тоа што го изнесов во книгата е мојот поглед на поезијата, не е апсолутната вистина. Впрочем, кога е во прашање поезијата, сметам дека и не може да се каже нешто што ќе важи за сите времиња, за сите поднебја, за сите поети. И за сите вкусови.

Одлучивте наслов на книгата да биде „Виола арсеника“, односно „Арсеновата темјанушка“, која расте само во близина на рудникот Алшар. Зошто?

– Кога пред две години бев на една научна екскурзија со колегите од МАНУ до Алшар, до мене дојде тој назив на цвет кој, се чини, расте само кај нас, во Македонија. Замислете: темјанушка што расте врз остатоци од отровна руда! Ми се стори како некаков симбол на поезијата: нешто што го остварува невозможниот спој – отровот и убавината. Претворањето на отров во убавина. И ми се стори како сосема адекватен наслов на книга што ќе зборува за поезијата.

Рудникот Алшар има природна, рударска и митска димензија во нашето општество, Вие му додавате и поетичка. Каква „магија“ Ве привлече да го посетите рудникот?

– Алшар е современ македонски мит. Навистина, многупати слушав за мистериите што ги крие овој запустен рудник. Уште од шеесеттите години на минатиот век се зборува дека таму има „нешта“ кои, кога ќе излезат на виделина, ќе го преобразат светот. И тогаш светот ќе види кои сме ние и што е Македонија! Тоа е многу типично за нас: постојано очекуваме да се случи некакво чудо и да нѐ извади од сите овие неволји во кои сме попаднале. Но, за жал, нема такво чудо. И нема да има. Додека сами не запнеме, додека секој од нас не почне да ги извршува своите работи на најдобар можен начин и со максимум енергија, никој и ништо нема да ни помогнат. Приказните за рудникот Алшар и за чудесните кристали на лорандитот скриени во неговата темница се само убави приказни.

Сте и останавте еден од најзначајните македонски претставници на модернизмот и надреализмот. Потрагата по чудесното и фантастичното ја евидентиравте во, речиси, секоја Ваша книга. Што беше пресудно целиот живот да го посветите на оваа потрага?

– И во поезијата и во сето она што сум го напишал секогаш ги следев своите афинитети. И тогаш кога тоа не беше многу препорачливо, и тогаш кога за таквите текстови добивав не само укори, туку и жестоки книжевни дисквалификации и политички дискредитирања, јас „си терав по своето“, како тоа народски би се кажало. И денес, како и тогаш, на мојата листа на вредностите поимот „доследност“ има за мене многу висока цена.

Веќе стана патетично да се поставува прашањето дали поезијата има моќ да го промени светот, но зошто поезијата ја (из)губи својата моќ, наспроти сѐ побројните пишувачи на поезија?

– Познато е, верувам, дека јас сум, покрај другото, и професор по литература (општа и компаративна!). Поради тоа знам дека поетот некогаш бил оној што ги поседува сите знаења. Тој бил и историчар (Хомер), и советник по прашања на земјоделството (Хесиод), научник (Плиниј), филозоф (Лукрециј), спортски коментатор на Олимписките игри (Пиндар), а да не зборуваме за оние што во своите поетски дела се движеле низ областа на политиката, религијата, социјалниот морал, еротските вештини, пророкувањето на иднината, пофалбите на владетелите, критиките на општествената положба, повикувањето на револуција, комеморативните говори – па сѐ до пишувањето огласи. Во меѓувреме е извршена „поделба на трудот“ и доменот во кој поезијата можела да се движи сѐ повеќе се стеснувал. Денес на поетот му останува да пишува само за поезијата. Но, добро е што тој и понатаму пишува. Еден ден, којзнае, тоа можеби ќе послужи за нешто.

Третманот не само на поезијата, туку и на литературата и културата, воопшто, е сосема променет за разлика од времињата кога почнувавте да се занимавате со пишување. Каква функција има поезијата во денешното време?

– Знаете ли дека пред четириесетина години не можеше да има свечен број (Нова година, Први мај) на некој наш весник без објавени песни во него? И дека Телевизија Скопје имаше месечно барем две емисии посветени на поезијата? За радио – и да не зборуваме! Денес тоа е незамисливо. Кој ќе пушта некакви си песни во весник или на телевизија! Новите електронски медиуми – сите тие портали – понекогаш ќе изнесат на видело некоја песна, но тоа е ретко и ограничено само на еден круг читатели. Така е со поезијата, но и со културата, воопшто. И не само кај нас – тоа е глобална појава. Овие нови времиња нѐ мелат, нѐ формираат според своите калапи, ни ги наложуваат безмилосно своите закони. Преку еден мошне софистициран систем на конкурси и покани, на ликовните уметници однапред им се определуваат теми на кои треба да творат. Тоа е повторно враќање на социјалистичкиот реализам, само сега под ново име. Може да се случи утре тоа да им го направат и на писателите. Се воведува (непишано) правило: ако нешто не е директно корисно, тогаш не треба ни да постои. Влегуваме во доба на целосна меркантилизација. Сѐ е на продажба! Затоа пишувањето поезија станува еден облик на отпор. Или, подобро речено, на еден убав инает. Не се согласуваме, ете, пишуваме поезија!

Колку и да сум расположен за рационален приод кон прашањата на уметничкото творештво, јас не успевам да го објаснам тој миг кога се раѓа песната

Успеавте ли да создадете своја лична дефиниција за пишување поезија? Што, според Вас, може/треба да се каже во една песна?

– Во песната треба да се рече она што може да се рече само во поезијата. Во тој поглед, јас можеби имам извесна предност во однос на оние што пишуваат само поезија. Ако некоја содржина многу повеќе одговара да биде изразена во некој друг облик – како што е, да речеме, мемоарска и патописна проза, јас не настојувам да ги натерам тие содржини на сила и „однемајкаде“ да се наредат во стихови, туку, едноставно, пишувам сеќавања или патописи. На тој начин за поетските облици останува само она што им одговара. Не пишувам често песни. Поезијата е некој вид есенција на јазичното творештво и таа за мене не е секојдневна задача. Ми се случува со месеци да не напишам ниту еден стих. Кога ќе дојде песната – ќе дојде. Во меѓувреме пишувам романи, раскази, есеистика. Не велам дека за тоа не треба, исто така, голема концентрација на духот, творечки напор, целосно ангажирање на имагинацијата и инвенцијата. Но, таквиот облик на книжевното изразување е од поинаков вид и може да се врши секојдневно. Поезијата не е тој вид робување на книжевната практика. Таа е блесок, изненадување, пробив на некои други видови на сознание во секојдневната логична свест.

Колку личните искуства стекнати со читање Ви отвораа нови хоризонти и идеи за пишување?

– Јас предавав литература, читав многу од она што поетите го кажале за тоа како функционира појавата што обично се нарекува „инспирација“, среќавав исповеди – повеќе или помалку искрени – како настанала некоја нивна песна, наоѓав обиди за објаснување на процесот кој се одигрува од првата најава на идејата, па до нејзината реализацијата и – признавам – не најдов објаснување што би ме задоволило. Колку и да сум расположен за рационален приод кон прашањата на уметничкото творештво, јас не успевам да го објаснам тој миг кога се раѓа песната. Тој е исто толку недофатлив, како и мигот кога тонеме в сон, или оној кога се разбудуваме. Можете стопати да си речете дека следниот пат ќе внимавате и дека ќе успеете „да го фатите“, но тој секогаш ќе ви се измолкне. Не сакам да мистифицирам, но навистина немам објаснување. На крајот на краиштата – чудата остануваат чуда само ако не се објаснат. Пред извесно време наидов на цитат – некој италијански научник од седумнаесеттиот век рекол: „Песната е сон сонуван во присуство на свеста“. Убаво е што тоа го кажал еден физичар.

Што се однесува, пак, до тоа што треба да се каже во една песна, јас – и покрај тоа што имам своја поетика до која доста доследно се држам – имам разбирање и значајна доза толеранција кон поетиките на многу други творци. Сум читал доста и знам дека поетското може да биде искажано на многу начини. Кога Хомер ќе рече: „Саноќ и взори бранови сечеше лаѓа“, тоа е исто толку поетично кога јапонскиот поет Сеиши ќе напише во едно хаику: „Стигнат до море/ лутиот зимски ветар/ немаше каде“. Мислам дека и декларативните и гласно извиканите „Страци трева“ на Волт Витмен и камерните солилоквии на Емили Дикинсон (намерно одбирам поети од исто време и од ист културен ареал!) имаат свои поетичности кои, и покрај тоа што се извонредно различни, не се исклучуваат едни со други.

Колку поезијата може да биде белег на времето во кое живееме?

– Како примери за разни феномени во поетското творештво, во мојата книга има и класични песни од деветнаесеттиот, но и експерименти на припадниците на „модернистичките“ правци од дваесеттиот век. Внесувајќи ги во книгата, јас не се залагам ни за едното ни за другото. Сакам да покажам дека поезијата е една и вечна, само во различни земји и во различни периоди добива поинакви облици и нови начини на изразување. И дека треба да ѝ се допушти секоја слобода, бидејќи тоа е елемент во кој единствено може успешно да се развива.

Многу чести се барањата поетите да ставаат во своите песни теми од своето време, да зборуваат „за стварноста“. И има поети (во светот и кај нас) кои тоа го прават. Тоа се „поети на актуелноста“, кои одговараат на прашањата на мигот, навлегувајќи, нужно, во општествените проблеми, па и во политичките судири. Секако, и во тој домен може да се бараат поетски содржини, но со преземање на разбирливиот ризик: дали утре, кога тие проблеми и тие судири ќе се променат, во нивните песни ќе остане нешто што ќе биде поетично за утрешниот читател? Тоа важи и за таканаречената „ангажирана“ поезија. Се разбира, тие поети можат да имаат извесен успех во времето кога творат. Ако им е тоа доволно – тогаш немам ништо против. Впрочем – ако ги согледаме нештата на еден поширок план, излегува дека и нема поети надвор од своето време. Колку и да се привидно оддалечени од „секојдневната стварност“, поетите го изразуваат своето време. Дури и со одбивањето да зборуваат за него.

Дел од содржините на „Виола арсеника“ е фотоесејот на тема „Авторот и моделот“ со црно-бели фотографии од Роберт Јанкулоски

Чија е идејата во книгата да бидат вклучени ликовен и фотоесеј и со каква цел се вклучени?

– Книгата е плод на една извонредно остварена соработка. За таа да биде таква каква што е, многу имаат придонесено и грижата на уредникот Владимир Јанковски, инвентивноста на соработниците на Бане Гелевски во Дизајн студио „Кома“, имагинацијата на Ѓорѓе Јовановиќ, сјајните фотографии на Роберт Јанкулоски. Имав среќа, навистина – тоа беа вистински луѓе на вистинско место! Нивна заслуга е што книгата излезе таква каква што ја замислував, дури и поубава од моите замисли!

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 93, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 август 2021)

Видео на денот