Икарди се врати на терените, навивачите тргнаа во „војна“ со него и со сопругата

EPA-EFE/SIMONE ARVEDA

Мауро Икарди по пауза од два месеци конечно заигра за Интер и веднаш го направи тоа што најдобро го знае, постигна гол. Во 40. минута постигна гол од пенал за Интер во победата од 4:0 на гостувањето кај Џенова. Потоа во 54. минута му асистираше на Иван Перишиќ, со што е еден од најзаслужните за победата на неговиот тим.

Но враќањето на теренот и неговиот настап не го прославија навивачите на Интер кои сметаат дека неговото враќање е само претстава за јавноста и во текот на натпреварот постојано беше исвиркуван кога беше во контакт со топката.

„Икарди и неговата сопруга-менаџер размислуваат само за шпекулациите, а приврзаноста кон нашите бои ја прикажуваат само кога имаат личен интерес. Сите ние сфаќаме дека неговото враќање е поради враќањето на пазарната вредност“ стои во краткото соопштение на навивачите на Интер.

Икарди се најде на удар на најверните навивачи на Интер бидејќи одбиваше да настапува за клубот со образложение дека е повреден, додека клупските доктори тврдеа дека тој е потполно здрав. Зад таквите игри на Икарди и неговата сопруга Ванда Нара се криеја неуспешните преговори со Интер за продолжување на договорот. Клубот му нудеше седум милиони евра годишна плата, додека Ванда Нара бараше еден милион повеќе и се закануваше со преселба во Реал Мадрид.

Видео на денот