И тоа се случувало на Олимписките игри: Голема тепачка меѓу ватерполистите и гледачите во Мелбурн

Фото: Profimedia

Невиден скандал се случи на мечот меѓу Унгарија и СССР кога мораше да интервенира и полицијата со гумени палки за да ги смири ватерполистите и гледачите

Сведоци сме на честите тепачки меѓу навивачите и спортистите во разни спортови. Но она што се случи на ватерполо турнирот на Олимписките игри во Мелбурн 1956 година, ќе остане забележано како црна дамка во аналите на Олимпијадите.

Тежок инцидент и невидена тепачка меѓу ватерполистите на репрезентациите на Унгарија и СССР што никој не го очекуваше. Трибините околу базенот беа исполнети до последното место. Унгарија водеше со 4-0 и беше на прагот на висока победа против стандардно силниот противник. Во еден момент, случајно или намерно, еден ватерполист на СССР,Прокопов со лактот силно го удри во лицето Задор. Судијата досуди фаул за Унгарија, но тоа како да беше сигнал за големата тепачка. Еден резервен играч на Унгарија се фрли во базенот, доплива до виновникот, рускиот репрезентативец, го повлече за нозете кон дното на базенот и почна да го дави.

Русинот сепак успеа да се извлече, одвај се појави на површината на водата, без здив, со модро лице, за малку ќе се задушеше. Поради овој неспортски гест дојде до општа тепачка меѓу играчите на двете репрезентации. Навивачите на Унгарија, кои беа во мнозинство на трибините, почнаа да фрлаат разни тврди предмети кон ватерполистите на СССР во базенот. Интервенираше и полицијата, но играчите на двете репрезентации излегоа од базенот и ја продолжија тепачката на суво, меѓу себе и со навивачите. Тогаш полицајците реагираа уште пожестоко, удрија по гледачите со гумени палки за да ги смират. Со судни маки, со многу искршени глави и крв, успеаја да воведат контрола и да ја смират тензичната атмосфера. На крајот, сепак мечот заврши со убедлива победа на Унгарија, која во Мелбурн го освои златниот медал со победата во финалето против Југославија.

Три грешки за Унгарецот Рудолф Бауер

Имало многу скандали и несекојдневни настани, грешки на судиите поради кои спортистите останувале без медали, свирени погрешни химни. Тоа го има почувствувано Унгарецот Рудолф Бауер на игрите во Париз 1900 година по победата во фрлање диск. Кога се качил на победничкиот пиедестал, на јарболот било кренато американското знаме и се свирела американска, наместо химната на Унгарија. Бауер, поради почит кон химната на друга држава, ја сослушал, а потоа вложил протест кај организаторите. По извесно време беше пронајдена унгарската химна и Рудолф Бауер повторно беше повикан да се качи на победничкиот трон за да биде по вторпат прогласен за победник. Но знамето на Унгарија беше кренато со свирење на австриската химна. Не сакајќи по третпат да се качува на тронот, Бауер овој пат не реагираше.

Кога ќе се загуби писмото

На Олимпијадата во Хелсинки 1952 година се случи кикс, кој турските борачи најверојатно ги остави без медал. Турската федерација во борење имаше испратено писмо до организаторот, со кое пријавува четворица свои борачи. Сите четворица на претходната Олимпијада во Лондон 1948 година имале освоено медали. Меѓутоа кога Насу Акар, Газанфер Билге, Келај Атик и Јасур Догу допатувале во Хелсинки, биле изненадени кога виделе дека на списокот на учесниците на турнирот во борење ги нема нивните имиња. На патот од Истанбул до Хелсинки, писмото некаде заталкало и не пристигнало кај организаторите. Залудно турските борачи две години тренирале за олимпијадата, не им беше дозволено да настапат поради чуден пропуст, грешка на поштата, така што медалите останаа само сон за овие несреќни борачи. Во тоа време немало интернет, електронска пошта и други технички средства за пријавување како денес.

Измамници на маратонските трки

Маратонските трки изобилувале си разни измамници, кои сакале да победат без да ја истрчаат делницата од 42 километри. Невиден скандал се има случено на Олимпијадата во Сент Луис 1904 година поврзана со Американецот Фредерик Лорц, кој дури и доби медал и беше прогласен за победник, иако беше измамник.

По 15 истрчани километри, Лорц веќе преморен, седнал покрај патот да се одмори. Неколку минути подоцна покрај него поминал еден камион. Истоштениот Лорц го замолил возачот да се качи и да го однесе кон центарот на градот бидејќи бил болен и не можел да оди пеш. Десетина километри пред целта на маратонската трка, Лорц се симнал од камионот и продолжил пеш. Благодарение на судиите што не многу внимателно ја следеле трката, Лорц некаде блиску до целта се вклучил во трката и бурно како прв втрчал во стадионот со раширени раце, многу свеж по „истрчаните“ 42 километри. Гледачите станале на нозе да го поздрават „победникот“, но за среќа целата оваа измама ја открил камионџијата, кога видел кој победил на трката.  Подоцна Фред Лорц бил дисквалификуван, иако примил медал.

Видео на денот