Храната драстично ќе поскапи, некои цени ќе бидат повисоки и за 50 проценти

Зелен пазар, Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На фармерите основните производни трошоци им се зголемени за 70-80 проценти. За 10-11 отсто се зголемени директните трошоци во млечната индустрија. Слична е ситуацијата и во месната индустрија, а скок на цените има и на житарките и на маслодајните семиња, кои во моментов се повисоки од 20 до 100 проценти, отколку пред една година.

Драстично поскапување на храната, во некои сектори и 40-50 отсто, на сувомеснати производи меѓу 15 и 40 проценти, како и поскап леб, најавуваат преработувачите. Тие бараат итна средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи за изнаоѓање соодветни решенија што би го ублажиле ударот од ценовниот шок врз потрошувачите.

Ова беше кажано на вчерашната прес-конференција во Стопанската комора, каде што беше потенцирано дека ќе се бара активирање на кампањата за купување домашни производи.

– Целата прехранбена индустрија бара од Владата да ѝ се помогне за да може да функционира, а и потрошувачите да бидат заштитени. Ако суровините минатата година поскапеа до 40 отсто, се очекува поскапувањето на крајните производи да биде од 40-50 проценти, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите. Додека домашните малопродажни синџири кај нас сè уште молчат и тивко покачуваат цени, супермаркетите во САД и во Велика Британија отворено објавуваат дека цените на храната ќе растат наесен – вели Васко Ристовски од Комората.

Домашните компании од преработувачката индустрија, потенцира тој, се соочуваат со зголемување на цените на суровините. На фармерите основните производни трошоци им се зголемени за 70-80 проценти, поскапени се и фолиите, енергенсите. За 10-11 отсто се зголемени директните трошоци во млечната индустрија. Слична е ситуацијата и во месната индустрија, а скок на цените има и на житарките и на маслодајните семиња, кои во моментов се повисоки од 20 до 100 проценти, отколку пред една година.

– Со оглед дека житарките и маслата се составен дел на многу прехранбени производи, се стравува дека скокот на нивните цени ќе предизвика многубројни поскапувања на храната во продавниците, што би го загрозило животниот стандард на граѓаните – заклучува Ристовски.

Ристовски обвини дека државата нема слух за укажувањата на секторот. Проблем е и тоа што примарното производство (суровините) се во ингеренции на Министерството за земјоделство, а преработките во Министерството за економија, па наместо на еден, проблемите мора да се решаваат на два фронта, кои често не се усогласени.

– Во Албанија Владата ги субвенционираше извозниците на земјоделски производи и денес домашниот пазар е преплавен со земјоделски производи од соседството, а во Србија, како резултат на лош род и намалени приноси, се забрани извоз на голем дел од суровините – посочи Ристовски, според кој крајно време е компаниите и трговците да креираат заедничка ценовна политика.

Неопходна е, рече Ристовски, средба со Битиќи во проширен состав – со претставници на големите синџири маркети.

– Вицепремиерот Битиќи најави нови мерки за да се заштитат потрошувачите. Ако се мисли на замрзнување на цените како минатата година, тоа ќе биде катастрофално и ќе доведе до загуби кај компаниите. Минатата година беа замрзнати цените на одредени домашни производи додека на оние од увоз не беа, со што се направи голема штета кај домашните компании – рече Ристовски.

Претседателот на Групацијата за месо и месни преработки, Гоце Трајчев дополни дека едно е обезбедување поддршка, а сосема нешто друго нејзино реализирање во реалноста.

– На поскапувањето укажувавме неколку пати од почетокот на годината. Поскапувања ќе има, но колкави ќе бидат, тука можеме секако да влијаеме. Поскапувањето на месните преработки се очекува да биде 15 отсто колку што е на глобалните пазари, но може да е и повеќе, 30-40 проценти ако државата продолжи да ја игнорира поддршката. Само 20-30 отсто се царинските давачки за увоз на смрзнато свинско месо за преработка. Значи, од државата зависи колкави ќе бидат поскапувањата – вели Трајчев.

Стопанската комора смета дека се наметнува потреба од интервенција на државата во делот на субвенции, но ако тие имаат краен ефект. Во оваа смисла предлага, наместо на производителите, поддршката да се дава на преработувачите, но тоа да биде контролирано.

Видео на денот