Храброст е државата без отстапки да ја внесеш во Европската унија!?

Денко Малески / Фото: Архива на Слободен печат

Македонските политичари треба да внимаваат како ја користат темата надворешна политика во ова и во секое друго предизборие. Ако во домашната политика може да се употреби и понекој пресилен збор кој потоа ќе биде погазен, во надворешната мора да се биде максимално внимателен. Тоа е опасна сфера во која дилемата е да се биде или да не се биде за една мала држава.

„Храброст е без отстапки да ја внесеш државата во Европската унија,“ вели претседателот на партијата на македонските националисти Мицковски. Осудувајќи ги така Охридскиот и Преспанскиот договор, како и договорот со Бугарија, во кои се правени компромиси,тој, всушност, обвинува дека сите поранешни и идни отатапки на патот кон членство во ЕУ биле и ќе бидат акт на капитулација.

Имплицитно вели и дека тој и неговата партија се способни да изведат невозможен подвиг: без отстапки да ја внесат државата во ЕУ. И повторно, пораката до гласачите е дека сите досегашни отстапки биле непотребни, биле погрешни и можело и без нив да станеме членка на НАТО и да се доближиме до почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Ова едноставно не е вистина. Во општество во кое вистината е вредност, ваквите размислувања би го дискредитирале водачот на опозицијата во очите на гласачите. Реалноста на четвртвековниот спор со Грција и неговиот иход се потврда дека без отстапки, без компромис, нема остварување на стратешките цели на државата.

Тоа се, да се потсетиме, оние цели од чие остварување зависи самиот опстанок на државата. Ги ставам залог моите дипломи и целото мое научно и дипломатско искуство дека, во сферата на меѓународната политика, изборот не е меѓу добро и лошо туку меѓу повеќе зла. Отстапките, пак, се условот за успешна дипломатија надвор, подеднакво како и за успешна демократија дома.

Всушност, целиот процес на преговори со ЕУ кој сакаме да го започнеме е правење отстапки. Ваквото непознавање на меѓународната политика на можниот иден македонски премиер може само да не сврти во нов круг од триесет години нерешен спор со сосед. И да нема дилеми: на крај, ако ја заглави државата, неразбирањето на меѓународната политика ќе му пресуди и нему лично како што му пресуди на неговиот претходник.

Сега, се во рацете на гласачите. Нивниот избор почива не врз знаење од книги туку врз трауматичното искуство од спорот со Грција кој го закочи прогресот на државата, на нејзината економија и демократија. Зашто, во тие дваесет и пет години запустени животи, партиите се натпреваруваа токму во остварување на невозможното: како да ја внесат државата во НАТО без бараните отстапки. Бидејќи таквиот став не носи напредок во меѓународните односи, тие ништо не правеа туку само ја злоупотребуваа темата на избори. Сепак, последните избори на кои победи актуелниот премиер и сегашната владеачка коалиција покажуваат дека е можно гласачите на Македонија да се определат за надворешна политика на компромиси  дури и кога во моментот на потпишување на Преспанскиот договор 80 проценти од етничките Македонци беа против договорот. Не, храброст е да се направат отстапки кои не се по воља на народот за да ја внесеш државата во НАТО а сега и во ЕУ.

 

Видео на денот