Хан: Договорот меѓу Белград и Приштина ќе има стотина страници

фото: EPA-EFE/KOCA SULEJMANOVIC

Комесарот за преговори за членство во ЕУ, Јоханес Хан, очекува дијалогот помеѓу Белград и Приштина да излезе од ќор-сокак и да резултира со договор, кој, како што кажа, ќе биде дефиниран на стотици страни.

Тој истакна дека се надева оти наскоро ќе има продолжување на дијалогот помеѓу Белград и Приштина.

-Постои застој во дијалогот меѓу Белград и Приштина и се надевам дека наскоро ќе можеме да го надминеме ова. Решението за ова прашање и целта на правно- обврзувачкиот договор е основен предуслов и за многу регионални проекти кои бараат појасни идни односи, изјави Хан.

Договорот меѓу Северна Македонија и Грција има помеѓу 35 и 40 страници, потсети Хан и рече дека не очекувам идниот договор меѓу Белград и Приштина да биде помал.

-Веројатно ќе има стотици страни. Без оглед на резултатот, тој мора да биде одржлив, да придонесе за развој на целиот регион и да не влијае на трети страни, рече Хан.

За време на дебатата за „Иднината политиката на ЕУ за проширување” во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, Хан потврди дека ЕУ нема да ги прими во ЕУ земјите со отворени билатерални прашања.

Комесарот Хан истакна дека во основата и во фокусот на политиката на проширувањето на ЕУ е напредокот во економијата и владеењето на правото.

Видео на денот