Гроздановска: Речникот со над 400 поими ќе биде алатка за унапредување на еднаквоста меѓу мажите и жените

Елена Гроздановска, државен советник за еднакви можности во МТСП/ Фото: Слободен печат

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) неодамна објави речник на македонски јазик кој содржи повеќе од 400 поими и нивни дефиниции од терминологијата за родова еднаквост. Поимникот и речникот ги изработи Европскиот институт за родова еднаквост (ЕИГЕ), а работи со седум земји кандидати за членство во ЕУ за да го изградат својот капацитет за родова еднаквост.

„Овие активности на Европскиот институт за родова еднаквост со седиште во Вилнус, Литванија, се во насока на размена на добри искуства и пракси со државите кандидати со цел поефикасно да ги усогласиме нашите законски регулативи и нашите политики и стратегии со земјите од Европската унија, но исто така да избегнеме одредени лоши практики низ кои што тие поминале во целиот тој процес, со една единствена цел да го постигнеме она кон кое сите се стремиме а тоа е членството во ЕУ. Толковникот или поимникот кој неодамна беше промовиран, всушност е идеја која започна пред неколку години, беше подготвен од експерти што ги ангажираше Европскиот институт и потоа во Република Северна Македонија, на македонски јазик го преведе стручно лице. Идејата е терминологијата поврзана со родовата еднаквост, еднаквите можности, еднаков пристап – да биде унифицирана, сите оние кои работат на ова поле, вклучувајќи ги и креаторите на политиките, административните службеници на централно, но и на локално ниво да водат сметка како и кога треба да ја користат соодветната терминологија. Честопати се поставува прашањето што е разликата помеѓу родот и полот, што значи демнење и многу е значајно да го имаме толковникот на македонски јазик. Се надевам дека сите стручни лица што ќе креираат политики за унапредување на еднаквоста меѓу жените и мажите, ќе го користат соодветно во она што значи стратегија, секој во својата област. А и за други како на пример новинарите. Следна иницијатива на Европскиот институт ќе биде организирање обуки, но и Министерството за труд и социјална политика кое ги координира активностите од оваа сфера ќе предвидиме за следната година обуки на сите профили да поминат барем основна ако не и надградена обука за користење на овие термини“ вели за Утрински брифинг, Елена Гроздановска, државен советник за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика.

Таа рече дека новина во Стратегијата за родова еднаквост, која е во собраниска поцедура и се однесува на периодот од 2021 до 2026 година, е улогата на жените во креирањето на политиките од областа на климатските промени.

Видео на денот