Граѓани од Дебар на протести пред ХЕЦ „Шпилје” поради честите прекини на струјата

Граѓани и бизнисмени од Дебар поради немање електрична енергија денеска во близина на хидроцентралата „Шпилје” кај Дебар протестираа барајќи од страна на надлежните да престанат со честото исклучување на електрична енергија. 

Тие нагласија дека поради честото исклучување на струја трпат големи штети бидејки градот без електрична енергија останува дури 16 часа. Бизнисмените нагласија дека нема логика да има повеќечасовни прекини бидејки штетите во бизнис секторот се огромни.

Граѓаните и бизнисмените кои протестираа го блокираа патот и со автомобили од браната кон централата „Шпилје” и нагласија дека ако продолжат ваквите прекини ќе преземат дополнителни мерки за нови помасовни протести и најавија дека ќе поднесат и тужби за претрпените штети.

Протестот се смири по доаѓањето на местото на настанот на директорот на подружницата  АД ЕЛЕМ „Црн Дрим” Сашо Коркут. Тој им објасни на граѓаните дека прекинот на електричлната енергија е поради зафати за сервисирање на регулациска склопка од регулациониот 110/35 киловолтен трансформатор кој се наоѓа во хидроелектраната „Шпилје”, постапка која почнала минатата недела и за која е потребно подолго време поради настанат дефект на дел од опремата.

– Сервисирањето го врши овластениот сервисер „Кончар ИНГ” од Хрватска, кои во најкус рок обезбедија резервен дел и ќе го заменат. При техничкиот зафат имаше и хаварија. Зафатот и во денешниот ден е неоходен и ги замоли граѓаните за трпеливост и соработка со институциите заради своја лична сигурност и сигурност на нивниот имот. Ние произведуваме електрична енергија, подвлече директорот Коркут.

Објаснувањата на директорот Коркут дадоа резултат и граѓаните мирно  се разотидоа. Тие изразија благодарбност за објаснувањата дадени од надлежните и побараа градот да добие редовна електрична енергија.

Видео на денот