Град Скопје: Противпожарната бригада не е место за партиски собири

Градските власти во денешното соопштение посочија дека на партиските кампањи никогаш не им било местото во просториите на Хероите на Градот и тоа не смее да се промени за овие локални избори / Фото: Фејсбук, Данела Арсовска

Град Скопје реагира на намерата одредени кандидати да ја „злоупотребуваат“ противпожарната бригада за изборни цели.

Градските власти во денешното соопштение посочија дека на партиските кампањи никогаш не им било местото во просториите на Хероите на Градот и тоа не смее да се промени за овие локални избори.

– Просториите на ПП бригадата во Автокоманда се стратешки безбедносен објект за Градот Скопје и мора да биде функционален и во припремна состојба во секое време. Според тоа, тоа не е место за никакви партиски собири или состаноци со кандидати со некои пожарникари, соопштија од Градот.

Оттаму апелираат пожарникарите да бидат изоставени од партиските препукувања и да бидат оставени на мира да си ги извршуваат секојдневните обврски.

– Синдикалните организации имаат право да се среќаваат со кого сакаат, се додека за тоа не ги користат просториите на противпожарната бригада на Град Скопје, се наведува во соопштението на Градот.

Како што изјави денес независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, Синдикатот на пожарникари прифатил средба во нивните простории во Автокоманда, но од командирот поставен од градоначалникот Петре Шилегов ѝ бил забранет влез или бил оневозможен пристап за надворешно лице.

Според Арсовска, ова е одраз на покажување на страв и е скандалозно.

Таа објасни дека со првиот синдикалец се видела надвор од просториите каде била информирана и за забраната за влез.

– За мене е зачудувачки како некои луѓе се дрзнуваат да се однесуваат шерифски. Добра организација на пожарникарите е многу важна бидејќи нуди сигурност на граѓаните во случај на пожари и на средбата требаше да ја презентирам мојата програма во тој сегмент, рече Арсовска на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија со соопштение известува дека иако уште пред повеќе дена добиле уредно барање за средба од страна на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, од страна на раководството на Секторот за заштита и спасување во Градот Скопје и Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје, им било забрането да одржат средба во просториите на Синдикатот со кандидатката која изразила желба да се запознае со состојбите во пожарникарството.

Посочуваат дека Синдикатот одржувал отворени врати за сите кои што побарале средба со цел запознавање со очајната состојба во која работат пожарникарите и создавање предлози за подобрување на состојбата. Од НСПМ напоменуваат дека тие средби кои биле со претставници од различни влади, водени од разни политички претставници кои се менуваа на позициите сите овие години биле остварувани со меѓусебно уважување и понекогаш вродуваа и со плод кој претставуваше бенефит за нашите колеги.

– Независниот синдикат на пожарникари на Македонија има сопствени простории кои повеќе од една деценија се наоѓаат во објектот на БППЗ во Автокоманда, Скопје. Во тие простории сме пречекувале гости од сите политички партии, претставници на разни религиски и други видови на социјални заедници, но никогаш не ни се случило некој да ни забрани да примиме гостин досега! Тие простории се само физички близу Бригадата, но се во децениско владение на Синдикатот, кој секогаш ги користи согласно неговите законски надлежности и целта на постоењето на еден синдикат. Ваквото однесување ја ускратува слободата на синдикалното движење и од тие причини за овие случувања ќе бидат известени сите домашни и меѓународни институции, се вели во соопштението на Независен синдикат на пожарникарите на Македонија – НСПМ.

Претходно од Град Скопје реагираат на, како што наведоа, намерата одредени кандидати да ја „злоупотребуваат” противпожарната бригада за изборни цели.

Градските власти посочија дека на партиските кампањи никогаш не им било местото во просториите на Хероите на Градот и тоа не смее да се промени за овие локални избори.

– Просториите на ПП бригадата во Автокоманда се стратешки безбедносен објект за Градот Скопје и мора да биде функционален и во припремна состојба во секое време. Според тоа, тоа не е место за никакви партиски собири или состаноци со кандидати со некои пожарникари, соопштија од Градот.

Извор: МИА

Видео на денот