Гојковиќ: Граѓаните да го чуваат Собранието од митинзите на опозицијата

Фото: EPA/ARMANDO BABANI

Претседателката на српското Собранието, Маја Гојковиќ, денеска ги повика граѓаните да „го чуваат Собранието“ на 13 и на 19 април, кога се најавени митинзите на опозицијата и на владејачката Српска напредна партија (СНС).

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Гојковиќ воедно ги повика и сите пратенички групи во Собранието да присуствуваат на колегиумот на 16 април во 10 часот.

Таа изјави дека се надева оти ќе дојдат претставници на сите пратенички групи, бидејќи, како што рече, верува оти сите се за дијалог.

– Сакам да разговараме за тоа како да ги подобриме процедурите што ги наследивме од припадниците на поранешниот режим, како подобро да ја регулираме постапката за доставување на амандмани и измени на дневниот ред, рече Гојковиќ.

Бојкотот на српскиот Парламент на поголемиот дел од опозициските пратеници -потписници на „Договор со народот“, започна кон крајот на јануари, кога словенечкиот претседател Борут Пахор го посети Собранието. Бојкотот беше продолжен на 11 февруари, кога пратениците од опозицијата почнаа да држат прес-конференции на секои шест часа во собраниската сала по предложените точки на дневниот ред.

Опозицијата се одлучи на бојкот, бидејќи како што соопшти, сегашната власт ги урнала основните демократски принципи и институции, оневозможувајќи дијалог и дискусија во Парламентот.

Видео на денот