Германија сака санкции за земјите од ЕУ кои се противат на принципите на блокот

Германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас, повика да бидат наметнати санкции на земјите членки на Европската Унија, кои прифатиле закони спротивни на основните принципи на блокот, како независноста на судството и слободата на медиумите, пренесе „Ројтерс“.

Мас изјави вчера за германскиот телевизиски канал ZDF дека земји како Романија, Унгарија и Полска добиваат повеќе средства од ЕУ, отколку што внесуваат, а ограничувањето на финансирањето може да биде важно средство преку кое ќе се поттикнат да ги почитуваат европските принципи.

„Постојат базични принципи кои сите ние треба да ги почитуваме. Треба да размислиме дали да нема финансиски последици за земјите членки кои ги прекршуваат. Ограничувањето на финансирањето е единствениот јазик кој тие го разбираат“, рече Мас во однос на земјите кои ја ограничуваат слободата на медиумите, забележува „Ројтерс“.

Европската народна партија одлучи на гласањето во средата да го замрзне членството на „Фидес“ (партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан) поради стравувања дека ги прекршила принципите на Европската Унија и владеењето на правото.

Орбан, кој дојде на власт во 2010 година, ја зајакна контролата на владата врз унгарскиот јавен живот, вклучувајќи и врз судовите, медиумите и економијата, а исто така и врз образованието и научните истражувања.

Европската Унија има слична загриженост и во однос на Полска и Романија, кои презедоа правни дејствија определени од некои критичари, како поддржувачите на владеењето на законите и други фундаментални европски вредности, посочуваат агенциите.

Видео на денот