ГАЛЕРИЈА | Инспиративна трансформација на Крумислав (Мишко) Барзов: Сега сум вистински гурман, а не трупач на храна и пијалаци!

мишко барзов
ФОТО: Приватна архива/Драган Митрески

За 16 месеци Мишко Барзов успеал да ослабне нешто повеќе од 80 килограми и да намали шест конфекциски броеви. Најголема забележана тежина му била 156 килограми, а сега вагата покажува помеѓу 72 и 76 килограми! Мишко успеал да „фрли“ повеќе од половина од тежината што ја имал, а смета дека најбитно во исхраната е да се излечат „гладните очи“.

мишко
ФОТО: Приватна архива

„Авто Магазин“ 25-та сезона ја заврши со 40-та премиера, низ сите овие години Крумислав Барзов нè снабдуваше со корисни инфомации и новитети од автомобилизмот и автомобилската индустрија, но овојпат ексклузивитетот ќе го насочиме кон неговата трансформација. Имено, емисијата ја уредува и води еден „нов Мишко“, драстично ослабнат.

мишко2
ФОТО: Приватна архива

За колку всушност „топење“ на килограми станува збор, за кој период, се изнаслуша ли реакции?

„Кога живееш и работиш со автомобилите нормално е да имаат влијание трендовите што се актуелни во индустријата. Една од главните мантри, покрај екологијата, е смена на изгледот и намалување на тежината во име на економичноста, ефективноста и динамичките својства… Јас тоа многу сериозно
го сфатив и го прифатив.

Ха, ха, ха… Кај мене трансформацијата треше околу 16 месеци, период во кој успеав да ослабам нешто повеќе од 80 килограми. Најголема забележана тежина ми беше 156 кг, а сега вагата покажува помеѓу 72 и 76 килограми! Успеав да фрлам повеќе од половина од тежината што ја имав. За тоа да го направам имав мотивација само поради една причина, а тоа е здравјето.

мишко3
ФОТО: Приватна архива

Што се однесува на реакциите можам книга да напишам. Веќе ми стана нормално на соработниците од странство, оние со кои не сме се виделе со месеци поради пандемијата, да им се претставувам и да ги потсетувам кој сум, а тие, кога ќе се соземат од шокот, веднаш ме прашуваат дали е сé во ред, дали имам некоја мака?! Повеќето мои блиски, цел живот што ме советуваа дека треба да ја намалам тежината, сега ми велат дека треба да качам некое килце. Најинтересен ми е коментарот дека сум „вештер“ бидејќи за време на ковидот сите ја зголемиле тежината, само јас сум ослабел“.

Дали вишокот на килограми кои со години убаво си ги носеше и беше препознатлив дел од тојот имиџ и стил, едноставно ти дојде преку глава и одлучи да започнеш диета, или зад акцијата слабеење не стоеја само естетски „амбиции“?

мишко6
ФОТО: Приватна архива

„Лесно и без комплекс ја носев мојата тежина, ги вршев секојдневните рутини, физички бев активен, во ниту еден момент не се чувствував инфериорно во однос на професионалните обврски што ги вршам. Ниту пак ми преставуваа проблем динамиката и тежината на патувањата, тестирањата на автомобилите и оптоварувањата при „цедење“ на спортски автомобили по патеките. Но крвната слика почна да покажува замор и ерозија на организмот. Тогаш решив дека морам да преземам нешто доколку сакам да продолжам нормално да живеам и работам. Со радикалното намалување на тежината успеав да го вратам организмот во „зеленото поле“, односно сите физиолошки параметри да ги вратам во граници на нормалните вредности“.

Твојата успешна приказна е многу мотивирачка, сепак, може ли само цврста одлука да нè донесе до целта и, освен силен карактер, што ти беше потребно да издржиш? Која беше најтешката борба со самиот себе?

мишко барзов
ФОТО: Драган Митрески

„Токму така, секогаш најголем сојузник и непријател на човекот е тој самиот. Неколкупати успеав да ослабам и по триесет килограми, но секогаш се враќав и качував плус. Прво требаше време да ја прифатам реалноста и да се соочам самиот со себе. Кога тоа ќе се апсолвира, доаѓа решението. Најтешко е човекот
да се победи самиот себеси, да излезе од „комфорната зона“. За тоа сум благодарен на неколкумина кои ме советуваа и поддржуваа во секој момент.

Се одлучив да направам баријатриска операција, односно кратење на желудникот. На тој чекор ме охрабруваше мојот пријател Владимир кој истото го направи пред некоја година. Ме запозна со професорот Јунуз Јавуз, кој е врвен светски стручњак во ова поле. Тој работи на релација Истанбул Хјустон-Осло, 25 години е баријатриски хирург, а нема направено ревизија на својата работа повеќе од 17 години! Тоа е за почит, бидејќи има многу лоши примери и реперкусии при ваква интервенција. Кога тој ги виде моите наоди ми рече дека, доколку се одлучам на тој чекор, организмот ќе се врати во нормала. Така и беше. Сé се одвиваше како што тој ми кажа. Немав никакви компликации, реперкусии и несакани појави“, вели Мишко.

Нутриционистите велат дека за фит изглед 80 отсто е до храната која ја консумираме, а 20 отсто до тренингот, односно, физичката активност. Како беше во твојот случај?

мишко барзов 2
ФОТО: Драган Митрески

„Кога сме кај нутриционистите, не можам а да не ја споменам д-р Драгица Зенделовска. Таа е одличен нутриционист и племенит човек. Ми има помогнато кога ми требаше. Најбитно во исхраната е да се излечат „гладните очи“! Сега јадам кога ќе почуствувам глад, го применувам правилото полека да јадам и што повеќе да ја џвакам храната што ја консумирам. Уште од основно училиште, за време на ужините, нѐ учеа дека залакот треба да се џвака онолку пати колку што имаме заби. Тоа е златно правило што сите го забораваме. На тој начин бргу се заситувам. Инаку, не се откажувам од ништо, а најмалку од тоа што сакам да го јадам. Сè уште сланината и месото ми се најмногу консумирана храна. Специјалните режими на исхрана во огромен број случаи не успеваат токму поради исфрлањето на продуктите кои се омилени. Нормално, има периоди кога тоа мора де се направи, но клучот е во разумноста“.

Кои се придобивките од твојата трансформација од здравствен аспект? Дали физичката промена ти донесе и некаква психичка трансформација, во најмала рака, на пример, поинакви размислувања за обезните луѓе, за исхраната воопшто, за здравјето, па и за животот?

„Дебелината ја сметаат за болест. Јас не се согласувам со таа констатација! Дебелината е состојба која е иницијатор на многу нарушувања во физиологијата на организмот што создава услови за развој на заболувања. Претходно одговорив на добар дел од ова прашање и не треба да се повторувам. На психички план немам промени колку на физички план. Големо задоволство е да влезеш во кој било бутик и да купиш нешто без да мислиш дали ќе има големина. Постојат специјализирани продавници за дебели, но моделите што ги нудат повеќе наликуваат на ХТЗ опрема отколку на пригодна гардероба. Со трансформацијата смалив шест конфекциски броеви.

мишко барзов 3
ФОТО: Драган Митрески

За многумина естетиката е многу важен елемент. Сепак, најважна е состојбата на духот и организмот. Треба да се победат страстите, а оние најсилните се токму кон храната. Едгар Алан По рекол една голема вистина. Единствена и безусловна љубов е онаа кон храната. Моите размислувања, ставови, цели и желби не се сменети, само се модифицирани. Што се однесува на дебелите, или како што е модерно да се каже обезните, можам само да кажам дека, доколку сакаат можат да го сменат тоа. Отворен сум за сите информации и би сакал мотивирачки да делувам со мојот пример“.

Го сочува ли гурманлукот, боемскиот дух? Во каква гастрономија денес најмногу уживаш?

Без тоа јас не би бил јас! Уживам кога приготвувам храна, уживам кога сум на софра, уживам кога храната ја споделувам со други, кога сум во кафеана или ресторан. Празник за очите ми е „шведската маса“. Ама уште позадоволен сум кога нема да го „исчистам тањирот“. Сега уживам во секој залак, во секој вкус. Гурман не е човек кој јаде обилно, туку кој ужива во вкусовите на храната и пијалаците. Исто како и порано, во широк круг, избегнувам цвекло, боранија, пилешко и некои манџи. Едноставно никогаш не ми се допаѓале.

мишко барзов 7
ФОТО: Драган Митрески

Уживам во зачинета и лута храна, црвено месо, изнутрици, скара, печења, млечни производи, ориз, тестенини, риба, морски плодови, овошје, зеленчук… Само што сега не го потполнувам секое ќоше. Кога ќе почувствувам дека сум заситен, прекинувам со јадењето. Не ми е срам доколку сум нарачал многу, бидејќи сé уште сакам на софрата да има и да пробам од сè, да побарам останатото да ми го спакуваат за дома. Од пијалаците избегнувам газирани сокови и индустриски ладни чаеви. Тие се непотребни, но не е грев понекогаш да се пијат. Од алкохолните пијалаци, кога консумирам, – жолта и мастика, зависи од мезето.

Сега може да кажам дека сум вистински гурман, а не трупач на храна и пијалаци!“

Видео на денот