ФОТО+ВИДЕО: Скриеното мозаично богатство на Скопје

Спомен куќата на Лазар Личеноски/ Фото: Слободен печат/Марина Дамческа

Екипата на „Слободен печат“ успеа да сними дел од скриените мозаици, грандиозни дела на македонски истакнати уметници кои се вградени во ѕидовите на низа банкарски институции кои засекогаш ќе останат далеку од очите на јавноста.

Куќата на основоположникот на современата македонска ликовна уметност Лазар Личеноски (1901-1964) под скопското Кале се уште чека подобри времиња за да се реновира, конзервира и отвори за јавноста како Музеј во кој ќе бидат достапни неговите дела, зошто сегашните милион денари од Министерството за култура нема да бидат доволни да се отвори заклучената врата.

Уште минатото лето НУ Конзерваторски центар – Скопје ги почна подготовките за реконструкција на објектот кој, по низа перипетии, во 2017 година е прогласен за културно наследство од особено значење, но на терен досега малку е реализирано.

Куќата е обрасната со треви, ископано е околу неа заради изведување на водовод и канализација, тешко пристапно до влезот каде на ѕидот е поставен мозаикот „Берачката на лотос“ – фасцинантно дело на Личеноски и негов постер со објава дека со Спомен куќата сега управува Националната Галерија на РСМ.

Со оглед на претходните непријатни искуства кога во празната и отворена куќа на доајенот на македонското сликарство живееле и бездомници сега објектот е заклучен и има алармен систем. За некои работи е предоцна, украдена е скулптура која го красела дворот, делови од украсената фонтана, уништени се дел од плочите од фризот „Алеја“, а останатите се пренесени внатре за да се заштитат и од временските услови и од крадци.

Додека се чека конкретното реновирање на Спомен куќата, дело на архитектот Славко Брезоски, достапни за очите на случајни намерници остануваат мозаиците „Берачка на лотос“ (1960) на влезот и „Апотеоза на трудот“ (1962/63)  на терасата каде се наоѓа и автопортретот на Личеноски (1963).

Од кејот на Вардар видливи се сите седум сцени од импознатниот мозаик кој ги претставува фазите на развој на човечкиот труд од антиката до модерното доба на развој на науката. На балконот стојат и фиоките полни со иситнети камчиња кои големиот уметник ги класирал за своите мозаични дела. Личеноски и самиот од своите патувања собирал камчиња, како и неговата сопруга Зое, а интересни примероци му носеле и неговите пријатели, знаејќи ја неговата пасија.

Чуварите на трезорот на Стопанска банка

Зад затворени врати, поради промената на сопственоста на банките каде се наоѓаат, ќе останат уште многу грандиозни мозаични дела на наши реномирани уметници, иако во 70-тите години кога се изработени наменски биле поставени на видливо место.

Најголема колекција ѕидни мозаици има Стопанска банка – Филијала ГТЦ. На почетокот на 70-тите години кога се градел Градскиот трговски центар и кога е планирана главната дирекција на Стопанска банка, поканети се еминентни македонски уметници да ги украсат ѕидовите на банката додека се уште била во изградба.

Петар Мазев, Ана Темкова, Душан Перчинков, Владимир Георгиевски, Иван Велков, Димитар Стојчевски и Симон Силјановски се уметниците кои со своите мозаици требало да ја потенцираат важноста на окрупнувањето на банкарскиот сектор зошто во 1971 година под името Стопанска банка се интегрираат три водечки банки во Македонија – Стопанска банка Скопје, Комерцијално – Инвестициона банка Скопје и Стопанска банка Битола.

Групата уметници патувала дури до Венеција за да одберат материјал – венецијанско обоено стакло за своите дела. Во познатата работилница за мозаичен камен „Орсони“ во Венеција уметниците ги бирале камчињата според големина, бои и нијанси, соодветно на своите замисли. Сите мозаици уметниците ги работеле во своите атељеа, а потоа лиените бетонски плочи се вградувале во ѕидовите на банката согласно планираниот распоред. Главен мотив на сите дела е „Флора и фауна“ како неутрален за банкарска институција и во духот на мозаичната традиција забележана во античките градови Стоби и Хераклеја.

Пет од овие мозаици се поставени како „чувари“ на трезорот на банката и поради тоа никогаш нема да бидат видени од пошироката јавност, но Стопанска банка уредно ги има документирано во каталог.

Привилегија за вработените и за деловните гости на банката е мозаикот „Бик“, импозантно дело на големиот македонски сликар – експресионистот Петар Мазев (1927-1993), кое е сместено аголно во една од конференциските сали.

Импозантниот мозаикот „Бик“ на експресионистот Патар Мазев краси една од салите во Стопанска Банка ГТЦ

Изработен релјефно на рамните ѕидови во салата, мозаикот „Бик“ плени со својата убавина и за негова изработка се користени покрупни парчиња во соодветни нијанси.

Во фоајето на оваа банка е сместен мозикот на познатата македонска уметница Ана Темкова. На ѕидната розета со етно мотиви, централно е претставена птица – гулаб. Впечатокот е дека македонскиот мелос, танц и бои зрачат од мозаикот кој како да почнува да игра пред очите на пасивен набљудувач на ова впечатливо уметничко дело.

Впечатлива ѕидна розета со етно мотив на Ана Темкова/1970/71 во Стопанска банка ГТЦ

Мозаик на Ана Темкова, изработен релјефно на кој доминираат пауни со сета своја убавина и живописни бои, е поставен покрај трезорот, веднаш до делото насловено „Цветна градина“ од уметникот и професор Душан Перчинков. За неговата изработка, Перчинков рече дека користел покрај венецијско стакло и бел мермер од Мермерниот комбинат од Прилеп. При крајот на изработката му недостасувале неколку парченца потемен, оксидиран мермер. Една од опцијата била да се бои белиот мермер за да се добие нијансата која е потребна, но уметникот не сакал таква импровизација, па мермер во соодветна нијанса по упорно трагање пронашол во една работилница.

„Македонските моми“ во Комерцијална

Во старата дирекција на Комерцијална банка на кејот на Вардар, скриен засекогаш ќе остане монументалниот мозаик на уметницата Ана Темкова со оглед на внатрешното преуредување на објектот на Банката и неможноста тој да се дислоцира, иако на времето кога е изработен го красел влезот во банката, бил на видик, веднаш над шалтерите и забележлив и од првиот и од вториот кат на банката.

Ана Темкова оригиналните македонски носии ги пренесе на мозаикот во Комерцијална Банка кој останува зад затворени врати

Изработен во 1970 година, мозаикот ја прикажува убавината на македонската архитектура, уметничка фасцинација на познатата македонска сликарка која доминира и на нејзините платна. На мозаикот се прикажани шест девојки од кои пет се во традиционални македонски носии, „исткаени“ и „извезени“ до најситни детали од страна на уметницата, прикажувајќи ја сета раскошност, колорит и убавина на македонската традиција.

– Месец и пол одев во Етнолошкиот музеј во Скопје, дење – ноќе и ги цртав оригиналните носии за да ги вметнам шарите автентично во мозикот. Во тоа истражување наидов на носија од албанскиот крај која ми се допадна и затоа една од девојките е претставена во шалвари. Другите носии се од Скопска Црна Гора, кичевска, охридска – која е најубава, вели за „Слободен печат“ Ана Темкова.

Централно е поставено ковчеже со златни лири и накит, како своевидна алузија за местото каде е сместен мозаикот, а во него најголеми се монетите чии мотиви Темкова ги пресликала од антички монети пронајдени на археолошките локалитети, а датираат од времето на Филип Втори Македонски, кои исто така тогаш се чувале во овој музеј.

Темкова мозаикот насловен „Носиите од Македонија низ вековите“ го работела цели 11 месеци. Каменот го кршела во своето ателје на „Партизанска“, а потоа секое парченце е лепено директно на свежиот малтер на ѕидот – многу потешка техника отколку мозаик со бетонски лиени плочи во работилница. За ова монументално дело од петнаесетина метри квадратни таа ја доби Октомвриската награда.

Инаку Ана Темкова е сликарка која кон крајот на шеесеттите години од минатиот век специјализирала мозаик во Равена-Италија, во класа на проф. Ренато Сињорини. Последниот мозаик го изработила во 1984 година по што продолжила да се занимава со сликарство.

„Ранетите борци“ на Мазев во Воената Болница

Поради пандемијата со вирусот ковид повеќе од една година се забранети посетите на болните во Градската општа болница „8 Септември“. Претходно, стотици граѓани дневно во строго определното време одеа на посета на своите блиски кои се сместени на лекување во одделенијата на оваа болница. Сите поминале покрај грандиозното уметничко дело – ѕиден мозаик кој ги пречекува централно на влезната врата, но водени од своите мисли и очекувања за подобро здравје на најблиските, речиси никој не го забележува или подзастанува пред мозаикот кој е дело на Петар Мазев.

„Битка за ранетите“ на Мазев, декор на влезот во тогашната најмодерна Воена болница на Балканот/1971/ГОБ 8 Септември, Скопје

Претставата насловена „Битка за ранетите“ е сосема пригоден мотив кога Мазев во далечната 1971 година бил повикан да го украси ѕидот на тогашната нова зграда на Воената болница во Скопје, една од најмодерните воено-медицински установи на Балканот во тоа време.

Со ситни парчиња во различни нијанси претставени се ранет маж и ранета жена како јаваат на коњи. Со часови може да се набљудува овој мозаик и да се проучуваат деталите во него, експресиите на човечките ликови, тркот на коњите, живописните бои на прекривката со која е покриената жената, нејзината коса…

Народна банка чува вредни спомени

Грандиозниот аголен мозаик насловен „Благородноста на македонскиот камен“, изработен во 1975 година од тројца реномирани македонски уметници Вангел Коџоман, Петар Дракулески и Тофе Шулајковски, ја красел шалтерската сала на тогашната „Југобанка“ на кејот на Вардар.

Авторите Вангел Коџоман, Тофе Шулајковски и Петар Дракулевски сами го собирале каменот за мозаикот „Благородноста на македонскиот камен“/ 1975 НБРМ/Фото: НБРМ

Тројцата уметници каменот кој е вграден во мозаикот сами го собирале патувајќи низ Македонија, а потоа рачно го кршеле и така го склопувале мозаикот. Тој е со вкупна површина од 32 квадратни метри и со формирањето на Народната банка на РМ и нејзиното преуредување, сега е останат како декор на Музејот на Народна Банка и може да се види заедно со колекцијата на монети и банкноти кои циркулирале низ вековите на подрачјето на Македонија.

 

 

Видео на денот