ФОТО+ВИДЕО | На денешен ден пред 21 година беше урнат режимот на Милошевиќ

Фото: EPA PHOTO EPA/SASA STANKOVIC

Поминаа 21 година од уривањето на режимот на Слободан Милошевиќ, на 5 октомври 2000 година во Белград. Демократската опозиција на Србија ги повика граѓаните да се соберат пред Сојузното собрание, со цел да се спротивстават на големата изборна кражба што Федералната изборна комисија ја изврши по наредба на Слободан Милошевиќ.

Протестите во центарот на Белград беа организирани откако Изборната комисија ја оспори победата на кандидатот на Демократската опозиција на Србија (ДОС) Воислав Коштуница на претседателските избори на 24 септември 2000 година.

ДОС ултимативно побара Слободан Милошевиќ да ја признае изборната волја на граѓаните изразена на федералните, претседателските и локалните избори одржани на 24 септември 2000 година, најдоцна до четврток, 5 октомври, до 15 часот.

Фото: EPA PHOTO EPA/KUM RASA/SS/kr

Исто така, беше побарано генералниот директор, главен и одговорен уредник и уредничкиот одбор на Српската радио-телевизија да поднесат оставка, а РТС да ја промени својата уредувачка политика и да дозволат објективни информации за настаните во Србија. ДОС, исто така, побара да бидат ослободени сите уапсени и да се повлечат налозите за апсење и поднесени кривични пријави против оние кои протестираа за почитување на изборната волја на граѓаните на Србија.

Самиот претседателски кандидат на тие избори од редовите на ДОС, Воислав Коштуница, побара од Слободан Милошевиќ да го признае поразот во првиот круг од претседателските избори и посочи на опасноста од отворени конфликти во Србија:

– Не можеме да одиме во ниеден друг круг, бидејќи тоа би не направило соучесници во кражбата гласови. Измамата од првиот круг не може да се поништи од вториот, петтиот или којзнае кој круг, изјави тогаш Коштуница.

Фото: EPA PHOTO EPA/STRINGER

Тој ден поддржувачите на ДОС доаѓааа во Белград од рано утро, организирани од неколку правци, од цела Србија, и предводени од водачите на ДОС. Околу 15 часот, граѓани собрани на митинг пред Собранието на СРЈ се обидоа да влезат во зградата на Собранието. Огромна група луѓе влегоа во југословенскиот парламент преку прозорец околу 15.35 часот. Полицијата успеа да растера значителен број луѓе од платото пред Собранието на СРЈ со голема количина солзавец.

Десетици граѓани влегоа во Сојузното собрание околу 16 часот, додека полицајците кои дотогаш ја чуваа зградата се повлекоа. Густ, црн чад излезе од десното крило на Собранието, а речиси сите прозорци во зградата беа искршени.

Демонстрантите демолираа неколку полициски возил,а а за време на ппроетестите се слушнаа и истрели од огненото оружје. Околу 17 часот, командирот на белградската полиција побара разговор со претставниците на ДОС. Околу 18 часот, полицајците од централната белградска полициската станица го положија оружјето и им се придружија на демонстрантите. Десетици граѓани со полесни и тешки повреди се примени во Ургентниот центар.

Фото: EPA PHOTO EPA/NENAD KOJADINOVIC/ss/kr

Новоизбраниот претседател на СРЈ, Воислав Коштуница, доцна вечерта на 5 октовмри 2000 година, им се обрати на граѓаните од терасата на Собранието на Град Белград, а потоа и преку националниот сервис РТС.

Во текот на вечерта се одржа конститутивна седница на новиот состав на Собранието на Град Белград. Стотици илјади луѓе беа цела ноќ во центарот на Белград, славејќи ја победата, но и стравувајќи од можна интервенција на Армијата и другите безбедносни формации на поранешниот режим.

Српската демократска опозиција формираше кризен штаб за клучните функции во земјата во координација со новиот претседател, а претставниците на ДОС во текот на ноќта разговараа со државните и јавните безбедносни лидери.

Фото: EPA PHOTO EPA/SPAYK (FILM)

Голем број луѓе го поздравија утрото пред Градското собрание. Тоа за стотиците илјади луѓе во Белград беше првото утро без режимот на Милошевиќ.

Во протестите загина една активистката на опозицијата која во несреќен случај падна под тркалата на камион. Друга жртва беше маж кој за време на протестирањето почина од срцев удар. За време на протестот беа повредени 65 лица.

На 6 октомври, Слободан Милошевиќ го призна изборниот пораз, а на 7 октомври, Воислав Коштуница положи заклетва пред членовите на Сојузното собрание и стана претседател на тогашна СРЈ.

Видео на денот