Фирма незаконски копала варовник во Сопиште

МВР до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против Б.Д.(69) од Скопје кој е осомничен за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Тој како службено лице, секретар на општина Сопиште во 2012 година, иако знаел дека согласно член 392 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата општината не е надлежен орган за утврдување на режимот на сообраќај и за издавање на Согласност за приклучување кон регионален пат, во име на Општина Сопиште изготвил и со свој потпис и печат на општината заверил и издал „Сообраќајна согласност“ на правно лице од село Батинци, како концесионер на концесионото поле-варовник на локалитетот „Јаболци“.
Изготвената и издадената документација за добивање на Дозвола за експлоатација согласно член 55 од Законот за минерални суровини, од сопственикот на правното лице била употребена и приложена во прилог на поднесеното Барање до Министерството за економија.
Од извршениот увид и преглед на податоци на извршена експлоатација било утврдено дека правното лице прибавило противправна имотна корист во износ од 35.641.056 денари.